Пред неколку недели прочитав вест дека се водат преговори помеѓу земјоделците од една страна и Владата од друга страна, во врска со субвенционирање на цената на мазутот. Имено, земјоделците кои имаат пластеници користат мазут за догревање на истите. Е сега, бидејќи се погодени поради случувањата во Германија со заразените краставици, продажбата на краставици во странство беше запрена, додека цената на доматите нагло падна. За маката да биде уште поголема, цената на мазутот како еден од главните трошоци за одгледување на зеленчукот нагло порасна, па нивниот бизнис е на граница на одржливост, поточно бележат енормни загуби.
Е сега, јас како економист, се прашувам зошто Владата да ги субвенционира само земјоделците а не и другите бизниси кои исто така користат мазут како погонско гориво? И другите бизниси се исто така погодени со зголемување на цената на мазутот.
Друго се прашувам зошто земјоделците не инвестираат во други видови на опрема кои користат други видови на горива кои немаат толкава голема тенденција на раст на цените како мазутот? Имено, ако користат некој друг вид на гориво кој нема толкава висока цена и на таков начин ја намалат цената на чинење на своите производи, ќе станат поконкурентни со увозниот зеленчук.
Трето, се прашувам како Владата се одлучи за ваков потег, а потписник е на Кјото договорот за намалување на штетни емисии на гасови, а со согорување на мазут се ослободува големо количество на истите. Исто така, Владата во своите стратегии за енергетика и енергетска ефикасност даде ветување дека ќе работи на зголемување на користење на обновливи видови на енергија и на зголемување на енергетска ефикасност. Да не ги спомнувам договорите со ЕУ во кои Владата се обврзува дека ќе го поттикнува користењето на обновливи извори на енергија и дека ќе ја поттикнува енергетската ефикасност.
Субвенционирање на цената на мазутот не е во склад со овие стратегии. На овој начин Владата им дава сигнал не само на земјоделците, туку и на другите стопанственици дека „ете Вие не морате да вложувате во поефикасни системи за загревање или на поефикасни уреди, Владата ќе биде секогаш тука да Ви ги субвенционира цените на фосилните горива“, кои ем што имаат негативно влијание на животната средина, ем имаат тенденција на раст од година во година. Да не спомнувам дека овие субвенции ќе ги платат сите граѓани на Македонија, бидејќи државата за да даде пари од буџетот на некој, мора да земи повеќе од оној кој го полни буџетот.
Е сега да не биде дека само критизирам, еве едно решение. Доволно е да видиме како нашите соседи го имаат решено ова прашање. Ете да го земеме примерот на Србија, поточно примерот на Војводина. Имено, Војводина има донесено во рамките на секретаријатот за енергетика една брошура каде се објаснува како пластениците можат да се затоплуваат со обновливи извори на енергија – слама, соларна енергија, ветерна енергија, биодизел или комбинација на овие обновливи извори.
Во брошурата е детално опишана „Самоодржлива фарма“ која за своето функционирање користи обновливи извори на енергија. Помеѓу другото, во брошурата е даден пример за еден пластеник – како да се затоплува.
Големина на еден пластеник 240 m2 (8 x 30)
Основната енергетска суровина за затоплување на ваков пластеник се отпадоците од биомасата од земјоделието – пченична слама, слама од соја, слама од пченка итн.
Потрошувачката на ваков вид на гориво изнесува 19.60 kg/h
Вкупната потрошувачка на ваков вид на енергија во текот на една грејна сезона изнесува 18 тони (доколку грејната сезона изнесува 180 дена) или доколку користите мазут тоа изнесува 5 тони.
Подетално за „Самооддржлива фарма“ можете да видите на оваа адреса.
Заклучок
Порака за земјоделците: инвестирајте во вакви типови на пластеници оти на подолг период (3-5 години) ќе ги намалете Вашите трошоци на производство, а со намалувањето на трошоците ќе го зголемите профитот. Исто така, ќе станете поконкурентни во однос на турските произведувачи на зеленчук. За да го направите ова можете да ја искористите ИПАРД програмата која дава 50% грант за ваков вид на инвестиции.
Порака и за Владата. Не ја субвенционирате цената на мазутот. Ако сакате да им олесните на земјоделците, намалете им ги даноците или ослободете ги од плаќање на данокот за оваа година. На подолг период ако веќе сакате да им помогнете на земјоделците, Вие платете го износот на ДДВ за купување на системи кои користат обновливи извори на енергија или намалете го процентот на ДДВ. Вака, со субвенционирање на цената на мазутот ќе направите само нови зависници од мазут и други видови на фосилни горива.