Светската банка заедно во соработка со Министерството за економија, работи на формирање на фонд за енергетска ефикасност, кој што ќе ги финансира проектите за заштеда на енергија во јавните згради. Се уште не се знај кога овој фонд ќе биде формиран, но она што е извесно е дека Македонија треба да го заврши формирањето на фондот што е можно побрзо. Фондот ќе биде финансиран од страна на државата, локалната самоуправа, но и од страна на странски финансиски институции. Вкупната вредност на инвестициите кој што се однесуваат на подобрување на енергетската ефикасност кај јавните објекти би чинела околу 95 милиони евра, а дополнителните 12 милиони евра ќе се инвестира во енергетската контрола на објектите и подготовка на неопходната документација за нивно спроведување.
Според направените пресметки, вкупната основна годишна потрошувачка на енергија во јавните згради изнесува 506.599 MWh, што претставува околу 20% од потрошувачката на енергија на комерцијалниот и услужниот сектор во земјава. Најголем потрошувач на енергија е образовниот сектор со учество од 58,5%. По него следува здравствениот сектор кој што учествува со 27,2%. Според плановите на Министерството за економија од вкупно 2.441 јавни згради, во енергетската реконструкција ќе бидат вклучени 2.235 згради или 91,6% од вкупниот број.
Кога се мисли на јавни објекти, се мисли на оние објекти кој што се наоѓаат на територијата на Македонија а кој што потпаѓаат под овие категории: општински згради, згради на здравствените институции, универзитети и научни институти, државни административни згради и социјални институции. Во зависност од постоечката состојба во која се наоѓаат јавните објекти, предвидено е да се реализираат различни активности за заштеда на енергија.
Во документот „Национална програма за енергетска ефикасност во јавните згради во Република Македонија“ се наведени следниве мерки за енергетска ефикасност: термичка изолација на надворешни ѕидови, замена на постоечки прозорци и врати, термичка изолација на покривот и на кровот, вградување на системи за автоматско управување со работата на постојните потстаници во јавните згради приклучени на системот на централно греење, реконструкција на котларите кај постојните системи на топловодно радијаторско греење, замена на постоечките печки на огревно дрво со нови, високоефикасни печки и поставување нови радијаторски маски во детските градинки кои овозможуваат поголема емисија на топлина.
Покрај за топлинската енергија, зацртани се и мерки за заштеда на електрична енергија, како што се мерките за подобрување на осветлувањето и замена на постоечките пумпи во системите за топловодно греење со нови енергетско ефикасни пумпи. Кај некои објекти ќе се применат поголем дел, но кај поновите градби е пресметано дека треба да се реализираат само минимални мерки. На ниво на европските земји, веќе неколку години наназад се реализираат програми за реновирање и реконструкција на јавните згради со цел за заштеда на енергија, чекор што Македонија ќе мора да го следи.
Извор: build.mk