Постојано слушаме дека иднината на нашата земја е во земјоделието и во енергетиката. Знаеме дека имаме голем потенцијал во двете области. Еве идеја како да ги споиме и земјоделието и енергетиката. Имено, се работи за трева под име мискантус или слонова трева, како што ја нарекуваат во Србија или Хрватска.
Основната карактеристика на оваа трева е што таа дава голема тревна маса, а што е од голема корист за добивање на биогориво. Мискантус е инаку повеќегодишна, високо продуктивна трева, со потекло од источна Азија, погодна е за интензивно садење. Мискантусот се развива преку своите подземни органи – ризомот. Самиот развој на тревата е многу едноставен. Во април почнува да излегува надземниот дел на билката и до август може да достигне висина од 2 метра.
Надворешниот изглед на тревата потсетува на бамбус. Од јули месец стеблото почнува полека да се суши. Сушењето почнува да се забрзува со почетокот на есента. Самата сеча на тревата почнува во февруари. Ова се прави поради тоа што квалитетот на самата трева е поголем.
Сите земјоделски операции од садењето, па преку ѓубрењето и сечењето на тревата се одвива со помош на земјоделска механизација. Одгледување на мискантусот го одликува помала потреба во поглед на употреба на вештачки ѓубрива или користење на пестициди.
Самиот принос на мискантусот зависи и од тоа каква е самата позиција на парцелата каде што се одгледува. Приносот на мискантусот во услови на природно наводнување изнесува 10-25 тони по еден хектар. Доколку користиме систем за наводнување, приносот се зголемува и до 30 тони по еден хектар.
Врз основ на овие податоци можеме да кажеме дека мискантус е трева која има голем потенцијал како енергетска суровина. Со својата биомаса може да ги замени постојните фосилните извори на енергија а со тоа и да ја намали емисијата на CО2 во атмосферата.