Денес по осми пат се одржува акцијата „Ден на дрвото“, овој пат под мотото „Садиме денес – пишуваме и праќаме писмо на мирот“. На 400 локации ширум земјата, како населени места, национални паркови, во близина на природни и вештачки езера и покрај патишта, треба да бидат засадени околу 5.7 милиони садници.
Иако се очекува многу луѓе да се вклучат во акцијата, прашање е колку од нив навистина знаат што може да придонесе тоа мало дрвце што ќе го засадат. Следуваат само дел од многуте „супермоќи“ кои дрвјата ги поседуваат.
-Дрвата го апсорбираат јаглеро диоксидот од воздухот и преку процесот на фотосинтеза ослободуваат кислород. Секое дрво има различна апсорпциска моќ па не може да се каже некоја точна цифра, но доколку секое семејство во Македонија засади по едно дрво, кога тие дрва ќе пораснат на годишно ниво ќе апсорбираат околу 600 тони CO2. Според стручњаците, најдобри „шмукачи“ на CO2 се костенот, оревот, одредени видови бор и даб. Меѓутоа, битно е и во каква климатска зона се сади дрвото, односно најдобро е тоа да е автохтоно за дадената област.
-Дрвата исто така апсорбираат и други загадувачи, како јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азотни оксиди, чад… Во урбана средина, дрвата можат да помогнат во отстранување на честиците и до 60%, доколку има поголеми површини на зеленило.
Денес дрвата сè уште претставуваат најевтин и најефикасен начин за прочистување на воздухот.
-Ја намалуваат или потполно спречуваат ерозијата. Со тоа ги штитат подземните води кои ние ги користиме како извор за пивка вода. Дрвата се однесуваат и како природни филтри на водата бидејќи ги впиваат одредени штетни материи од земјата и не дозволуваат тие да дојдат до водата. Исто така, ја одржуваат влажноста на почвата, па микроклимата во близина на шумите е доста попријатна за живот.
-Доколку во лето користите клима-уред за ладење на вашиот дом, едно единствено дрво може да ви ја намали потрошувачката за ладење и до 50%. Сè што треба е да засадите едно доброразгрането дрво во дворот од сончевата страна на куќата и температурата преку ден ќе се намали значително.
Има и други предности кои дрвата ги нудат, не помали од наведените. На пример, на секоја улица во градот има дрворед, асфалтот ќе има подолг век на траење – дрвата прават сенка па не дозволуваат одредени материи од асфалтот да испарат. Повторно поврзано со сообраќајот, дрворедот на одредена улица дава претстава дека улицата е тесна, што ги приморува возачите да возат попретпазливо. Исто така, дрвата даваат добра перцепција за правецот на патот.
Затоа, без разлика дали е ден на дрвото или не, засадете какво било дрво. Корисно за секој од нас лично, а и за целата планета, е да има што повеќе дрва, како во урбани средини, така и надвор од нив.