Реформата на енергетскиот сектор во Македонија во насока на негова либерализација, подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на користењето на обновливите извори и природниот гас, подобрување на енергетската безбедност и како крајна цел – подобрување на благосостојбата на граѓаните треба секако да биде предводена од надлежните институции, но во консултација и соработка со останатите чинители – граѓанскиот, приватниот сектор, академијата, стручните лица во областа итн. Освен мерки за подобрување на состојбата со енергетскиот сектор како градење на енергетски капацитети и инфраструктура, подготовка на енергетски стратегии и нивно спроведување, во што државата ја има водечката улога, постојат нови можности за поголемо вклучување на приватниот сектор, односно на компаниите и граѓанскиот сектор во придонесот кон намалување на енергетската потрошувачка и постигнување на државните енергетски цели. Затоа, важно е овие можности подетално да се разгледаат со цел анализа на придобивките но и предизвиците во нивната примена.
Една можност за спроведување на проекти во областа на енергетиката на начин на кој овозможува соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор е јавното приватно партнерство (ЈПП). Во ЈПП приватниот партнер обезбедува јавна услуга во области од надлежност на јавниот партнер и/или му обезбедува на јавниот партнер неопходни предуслови за давање на јавна услуга. ЈПП може да се воспостави како концесија за јавна работа или за јавна услуга или како договор за јавна набавка на работа или за јавна набавка на услуга. Иако ЈПП е релативно нова област во Македонија и скромно се применува, сепак има веќе реализирани проекти или проекти во тек, кои можат да се искористат за кратка анализа во поглед на предизвиците со кои ЈПП се соочува. ЈПП вклучуваат и проекти во областа на енергетиката, на пример на тема искористување на водните ресурси на река, јавно осветлување, изградба на мали хидроелектрани и слично. Подетално, доколку се разгледаат огласите за договори за јавна набавка на работа или услуга објавени на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) можат да се забележат огласи за јавно осветлување за општините Битола, Охрид, Дебар, Кисела Вода и Долнени. Доколку овие подетално се анализираат како прво може да се забележи тенденција на поништување на објавените огласи – од оние посочени огласи за јавно осветлување на општините – поништен е огласот на Кисела Вода, два пати е објавен и поништен на Битола, три пати објавен и поништен на Охрид, додека четврт оглас на општина Охрид е објавен со краен рок на понудите 1 декември 2014. Наспроти ова, огласите за јавно осветлување на општините Долнени и Дебар завршуваат со склучени договори. Во однос на анализата за причините за поништување на огласите се појавуваат неколку: дека не е поднесена ниту една прифатлива или соодветна понуда (за два огласи на општина Охрид), оцена дека тендерската документација содржи битни пропусти или недостатоци (општина Охрид), повреди на Законот за јавни набавки (општина Кисела Вода), бројот на кандидати е понизок од минималниот (општина Битола) и постапката е поништена од Државната комисија за жалби (општина Битола). Според трудот Аналитика, (2014), Ризици од корупција кај јавно приватно партнерство во Македонија поништувањето на постапките за ЈПП не се смета за проблематично бидејќи ЈПП е нова материја и целиот процес е процес на учење. Интересно за напомена е случајот на двете склучени договори за општина Дебар и општина Долнени во кои само една приватна фирма конкурирала и која го добила тендерот и тоа е истата за двата случаи – Сити Лајт од Струга. Трудот Аналитика, (2014), Ризици од корупција кај јавно приватно партнерство во Македонија исто така ја анализира и конкуренцијата како фактор кај ЈПП и наведува дека конкуренцијата е мерка за добивање на поквалитетна понуда од страна на приватниот партнер, но случаите со недоволно конкуренција не се сметаат за проблематични области за ЈПП, бидејќи доколку и една фирма ги исполни условите, може да го добие тендерот на отворена постапка, кој е и најчестиот вид на постапка кај ЈПП. Во иста насока како добра практика се сметаат напорите на јавниот партнер за информирање за огласите за ЈПП и за спроведување на консултација со приватниот сектор пред објавувањето на огласот, со што се придонесува кон обезбедување на поголема конкуренција, односно поголем број на фирми кои би конкурирале на огласот. Понатаму, кај повеќето од споменатите огласи применет е принципот на најниска цена. Во однос на ова, Советот за јавни набавки е тело од кое мора да се добие согласност со цел во огласот да биде применета економски најповолна понуда, принцип според кој освен цена се вреднуваат и одредени квалитети, и вообичаено во огласите се применува најниска цена. Инсистирањето на Советот за јавни набавки да се прифати најниска понудена цена не се смета за позитивен пример според трудот Аналитика, (2014), Ризици од корупција кај јавно приватно партнерство во Македонија бидејќи и се дава предност на цената и до одреден степен се занемарува квалитетот. Во однос на ЈПП, препораки до приватниот сектор се конкурирање на објавените огласи, проактивност и покажување на интерес за работата на јавните тела во областа во која работат и користење на понудените механизми – консултација со јавните тела, поднесување на жалби во случај на незадоволство од одлуката на тендерот итн.
Друга можност за примена на проекти од областа на енергетиката е преку социјално претприемништво, чија главна цел е решавање на социјални прашања преку реинвестирање на сопствениот профит во активности кои овозможуваат решавање на социјални прашања, но во исто време функционира како самоодржливо претпријатие насочено кон остварување на профит– според анализата ЗИП Институт, (2013), Социјален бизнис во Македонија: концепт, развој и перспективи. Едно социјално претпријатие може да се занимава со обновливи извори на енергија, а грижата за животната средина се смета за една од неговите битни карактеристики како што тврди трудот ЗИП Институт, (2013), Социјален бизнис во Македонија: концепт, развој и перспективи. Трудот исто така посочува дека социјалното претприемништво треба да биде поддржано со фондови, грантови, предност во јавни набавки и низа други мерки со цел да му се даде простор да заживее и да се развие. Инаку во Македонија се уште нема законско решение кои би го уредило социјалното претприемништво, но тоа не спречува да постојат социјални претпријатија за кои најважно е таргетирањето на социјален проблем и постигнување на одредено ниво на самоодржливост. Во овој контекст важно е да се спомене примерот на тераписката заедница „Покров“, еден од проектите на невладината организација „Избор“ од Струмица, која функционира како социјално претпријатие за рехабилитација на поранешни зависници од дрога. Токму ова социјално претпријатие освен тоа што решава едно важно социјално прашање како зависноста од дрога, истовремено претставува одличен пример за енергетски независен објект. Односно, Покров произведува сопствена електрична енергија при што извор е сончевата енергија. Првичните проценки се дека годишно ќе има намалување на трошоците на електрична енергија за околу 70%. Важно е да се напомене дека Покров е лоциран на поле со многу поседи на овошје и зеленчук, што значи дека потребите за енергија се големи и претставуваат секако трошок. Бидејќи во суштината на едно социјално претпријатие е да прави профит за да го реинвестира во проширување на своите капацитети, односно понатамошно решавање на социјални проблеми, корисно е минимизирање на сопствените трошоци, а постигнување на енергетска независност е секако вистинскиот чекор кон намалување на трошоците. Во Македонија социјалните претпријатија најчесто се основани како граѓанска организација поради поефтин и поедноставен начин на основање за разлика од основање на претпријатие. Препораки до приватниот сектор (претпријатија и граѓански организации) е секако разгледување на можноста за функционирање како социјално претпријатие и на тој начин решавање на социјални и еколошки прашања. Во однос на станување на социјално претпријатие, за граѓанските организации, кај кои свеста за социјални проблеми е присутна, интересна е можноста за добивање на финансиска самоодржливост, додека за претпријатијата предизвикот е да го заменат приоритетот на богатење на неколкумина со рамномерна распределба на профитот меѓу вработените, подемократско одлучување и покажување свест за социјални прашања во заедницата – некои од поважните одлики на социјалното претприемништво. И секако за напомена е дека социјалното претприемништво се смета за нова тема која ќе биде актуелна во периодот што доаѓа, и следствено ќе следат механизми за поддршка, и затоа вредно е размислување за овој концепт.
Од една страна ЈПП се појавува како модус на соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор при што јавниот партнер наместо самиот да вложува свои средства на пример во модернизирање на јавното осветлување ангажира приватен партнер. Во оваа форма се среќаваат интересите на двата партнера – јавниот да овозможи подобра јавна услуга на граѓаните и приватниот да постиге профит. Анализата на дел од договорите и огласите за ЈПП укажува на простор за подобрување на практиките за ЈПП, но го покажува и потенцијалот за придонес на приватниот сектор во решавање на локалните енергетски прашања. Од друга страна, социјалното претприемништво, што Европската унија го смета за начин за излез од економската криза, апелира кон поголема свест за социјалните и еколошките проблеми во заедницата, нивно адресирање, како и размислување за сопствена енергетска независност како фактор кој би придонел кон самоодржливост на социјалното претпријатие. За крај, и двете можности се релативно нови во Македонија, што значи потребно е нивно применување со цел подобрување на нивниот квалитет и ефективност. Со овие можности приватниот сектор може да даде свој придонес кон подобрувањето на состојбата со енергетскиот сектор во државата преку сопствен пример на учење и спроведување нови концепти и решенија.