Три години откако Германија ќе ги затвори сите свои 17 реактори, во Македонија треба да никне првата атомска централа
Референдум, мораториум или камен-темелник за нуклеарна централа. Ова е изборот што треба да го направи Македонија по примерот на другите држави во Европа. Голем дел од нив веќе се изјаснија. На референдум за згаснување на нуклеарните програми најверојатно ќе се изјаснуваат граѓаните на Полска, Албанија и на Шпанија, додека рампата за нуклеарките веќе ја спуштија Германија, Швајцарија и Грција. Хаваријата во „Фукушима“, пак, не ги поколеба Франција, Кина, Русија, Индија, САД, Канада… Неизбежно е прашањето кој пат ќе го фати Македонија.
Како што сега стојат работите, или ќе останеме уште долго на крстосницата или ќе одиме на референдум. Нуклеарната опција како едно од трите сценарија за развој на енергетиката до 2025 година е поставена во Стратегијата на МАНУ, усвоена од страна на Владата, но конечна одлука за нејзина реализација сé уште нема. Поделеноста „за“ и „против“ се чувствува помеѓу граѓаните и политичките партии. Од МАНУ сметаат дека е најдобро да почекаме што ќе одлучи Европа.
– Случувањата во Јапонија ќе ги замислат светските експерти за нуклеарни централи, особено во преиспитувањето на нивната безбедност. Во однос на Македонија сé уште е далеку 2025 година.
Дотогаш ќе се развијат нови многу побезбедни реактори – тврди академикот Томе Бошевски, додавајќи дека нуклеарната опција е најдоброто решение за долгорочна енергетска стабилност на државата.
Европа не може да ни помогне, зашто и самата е крајно поделена кога се работи за атомската енергија. Германската владејачка коалиција реши до 2022 година да ги згасне сите нуклеарни централи (17 реактори) и со тоа да ја направи Германија прва индустриска сила што се откажува од нуклеарната енергија. Станува збор за конечна одлука за која нема да има ревизија, категоричен е министерот за животна средина Норберт Ротген. Од нуклеарните централи Германија покриваше 23 отсто од потребите за електрична енергија и до 2022 година ќе мора да најде начин како да го надополни тоа количество. Швајцарија исто така нема да гради нови нуклеарки и до 2034 година ќе ги затвори петте што работат.
Италија и Грција на нуклеарната енергија и го свртеа грбот уште по катастрофата во Чернобил. Во меѓувреме нови нуклеарни централи се градат во Бугарија, Финска,Франција, Русија…
Во моментов во светот има 442 нуклеарни реактори, а уште 65 дополнителни наскоро ќе бидат во функција. До 2050 година во светот треба да се изградат околу 1.250 нови атомски електроцентрали. За здруженијата на екологистите нема дилема – нуклеарни реактори не и се потребни на државата.
– Македонија е земја со неискористен воден потенцијал и многу хидроцентрали чекаат да бидат изградени. Имаме 250-300 сончеви дена годишно, што е практично неискористена енергија. Да не зборуваме за биомасата расфрлана како отпад што нé загадува наместо да биде извор на обновлива енергија. Заборавени се и ветерот и геотермалните води. Тука треба да се бараат начините за добивање енергија – нагласуваат тие.
Зелените од регионот неодамна формираа и балканска антинуклеарна коалиција, во која членува и нашата држава.
Автор: Александар С. Димковски
Преземено од:НОВА МАКЕДОНИЈА