Балканските држави се трудат да го одржат имиџот на „најлошите европски деца“. Овај пат добивме негативни критики од страна на Светската банка, по повод на лошата енергетска состојба.
Според извештајот на светската банка, Македонија, заедно со другите балкански држави трошиме големи количества на електрична енергија – два пати повеќе енергија по долар од бруто домашниот производ, доколку се споредиме со државите од Западна Европа.
Светската банка потсетува дека сите овие држави, поточно владите на Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија и Црна Гора донесоа акциони планови и програми за енергетска ефикасност, каде што се обврзале да до 2018 година заштедат околу 9% од финалната потрошувачка на енергија.
Оваа банкарска институција, изјави дека балканските држави (балканците 🙂 ) требаат да ги решат системските проблеми кој што се јавуваат во енергетскиот сектор. Како најголеми проблеми, банката ги издвојува енергетските монополи, недоволната информираност за новите технологии, ниските цени на електричната енергија…. Но клучниот проблем, на сите балкански држави, според светската банка претставува ограничувањата околу снабдувањето со енергијата. Без големи инвестиции во енергетскиот сектор до 2020 година овој регион ќе стане нето увозник на електрична енергија.
Според сегашните податоци, Балканот се соочува со недостаток на електрична енергија, поточно денес на овој регион му недостасуваат околу 10% електрична енергија. Доколку овој негативен тренд продолжи до 2030 година, овој процент ќе се зголеми на 30%.
Само за одржување на енергетската рамнотежа во балканските држави, истите во наредните 10 години треба да инвестираат околу 44,6 милијарди евра. Ова вредност е како што рековме само да се одржи балансот. Но доколку нашата држава заедно со другите држави од Југоисточната Европа сакаат да станат економии со ниски емисии на стакленички гасови, сумата треба да биде дупло поголема.