Најголемиот светски ветерен парк „London Array“ го прослави почетокот на работењето со пуштањето на работа 175 по ред ветерница. Иако е изградбата завршена во декември минатата година, дури сега сите турбини почнаа да ја снабдуваат националната електро мрежа на Велика Британија. Ветерниот парк „London Array“ има вкупен инсталиран капацитет од 630MW.
Овој ветерен парк е оддалечен 20 километри од брегот на округот Кент и со електричната енергија ќе го снабдува југоисточниот дел на Англија. Ветерните турбини со поединечен капацитет од 3,6 MW се простираат на површина од околу 90 квадратни километри.
Англиската влада ја подржа изградбата на ветерниот парк уште во далечната 2006 година, додека самата изградба на паркот почна во март 2011 година. Изградбата на ветерниот парк заврши во декември 2012 година.
„London Array е значајно достигнување во областа на обновливите извори на енергија“, изјави Тони Кокер директорот на компанијата „E-ON UK“ која што е косопственик на овој ветерен парк, заедно со компаниите „Dong Energy“ и „Masdar“.
„Најголемиот светски оперативен ветерен парк изграден на море, ќе произведува електрична енергија која што ќе биде доволна за задоволување на потребите на скоро пола милион домаќинства и исто така ќе ги намали штетните емисии на јаглерод диоксид за преку 900.000 тони на годишен ниво.“, изјави Кокер.