До пред речиси три недели „градот убав“ беше толку романтично расположен што дури ни мракот не беше проблем. Не беше проблем ни електроенергетската криза, ниту пак ден пред нејзиното официјално прогласување извезената електрична енергија во Србија. Два часа по констатацијата дека имаме електроенергетски шок цената на бензинот беше поскапена и се уште се одржува тој тренд на движење на цената во нагорна линија. Оваа „верижна реакција“ во движењето на цените не е воопшто изненадувачка, туку е резултат на причинско последична врска и правилата на „слободната“ економија. Сето тоа може и да не ни претставува проблем, бидејќи секоја година се соочуваме со шокови од овој вид, особено во зимските периоди.
Она што им е јасно на надлежните авторитети е дека граѓанинот ќе плаќа сметки за струја и транспорт дури и по цена на нереално намалување на домашниот буџет. Електрична енергија на сите ни е потребна, па со оглед на нашите секојдневни потреби нема да се откажуваме од основните услуги и по цена на „движење на работ“ на нашите приходи.
Проблемот е во тоа што токму оние кои знаат дека ќе плаќаме за една услуга без разлика на несоодветно големата цена е избегнувањето на терминот инфлација и зависната независност на регулаторното тело (РКЕ). Имено, во услови на инфлација (состојба на пазарот во која постои поголемо количество на финансиски средства, а помалку добра или услуги) се преземаат различни мерки за да се воспостави повторна рамнотежа во движењето на цените на добрата или услугите кои постојат на пазарот. Конкретно, преку зголемената цена на електрична енергија и бензинот се повлекуваат дел од средствата што ја создаваат нерамнотежата. На овој начин, преку даноците и акцизите има поголем прилив на пари во „државната каса“. Меѓу другото, се поттикнува и сивата економија, како на пример залихите на плин се продаваат по цена помала од пропишаната, со што финансиските средства платени за плинот не се дел од буџетот, односно државата губи дел од парите кои стануваат дел од друг вид на буџет.
Другиот проблем е тоа што независниот регулатор не презема никакви мерки во однос на тарифите, ниту пак дава некакви знаци дека се анализираат последиците (не резултатите) од сегашната методологија за пресметка на цената на електрична енергија, ниту пак за цената на горивата. Регулаторното тело би требало да има улога на економски регулатор или поконкретно да се грижи за разумна цена на добрата и услугите од природниот монопол. Засега кај нас сето тоа е апстрактно и уште повеќе, регулаторот молчи или нема никакво мислење за активностите на надлежното министерство.
Конечно, за да купиме леб, треба лебот да стигне до продавница, за што е потребен транспорт. За да се испече лебот потребна е струја. Бидејќи транспортот зависи од цената на горивата, а и производот зависи од цената на струјата, крајната сума што ќе ја плати потрошувачот ги вклучува и овие трошоци, бидејќи ниедна фирма не би прифатила да има помала заработувачка, во услуви кога има поголеми трошоци за еден производ или услуга.
Со оглед на сегашните состојби можеме да очекуваме повторно поскапување, кое доколку се реализира уште еднаш, ќе значи и поскапување на сите услуги и добра. Во тој случај се создава еден магичен круг, бидејќи државата за да се справи со овие проблеми ќе треба да посегне и по даноците. Едноставно, економскиот систем ќе преживее колапс.
One Comment
nikola
Г-ѓо Малцева воопшто не ви ја разбирам поентата на написов.
Кажувате дека црно ни се пишува, претставувате некои причини кои всушност се само нус производ, а не реална причина и воопшто не нудите алтернатива.
Цените на енергијата растат и ќе растат, бидејќи немаме како ресурс ниту еден од главните енергенси на денешницата: нафта, природен гас, нуклеарна енергија.
Исто така ни стандардот не може рапидно да порасне кога имаме симболичен извоз како држава, посебно во ситуација кога цела европа тоне на економски план и нема куповна моќ.
Понудете сценарио за излагање од тој волшебен круг…