Уште од првото спомнување на изразите „глобално затоплување“ и „климатски промени“ почнаа да излегуваат еден куп теории како „за“, така и „против“ важноста и вистинитоста на овие новокомпонирани „плашила“. Некои од тие теории се издржани, а некои се по малку (или по многу) луди, како на пример дека глобалното затоплување го измислија некои дебели костумосани Американци во темна зачадена просторија со цел да влијаат на светската економија.
Факт е дека има многу показатели дека климатските промени можеби се некој природен циклус на ладење и загревање на нашата планета и засега се потврдени најмалку 5 големи ледени доба (глацијални периоди) кои траеле со милиони години. А со тоа што тие глацијални периоди завршиле, значи дека настанало зголемување на температурите на глобално ниво, односно глобално затоплување. Но, исто така факт е и нема сомнеж дека луѓето и големиот степен на индустријализација се виновни за испуштањето на сè поголеми количини на стакленички гасови, во последните 150 години, што може да се потврди со мерењата на концентрацијата на CO2 и на температурата.
Па кај е проблемот тогаш? Проблемот е што вулканите не се активни како некогаш, изметот од стоката денес се искористува дополнително (верувале или не има теорија дека пред 1000 години имало кратко глобално затоплување заради огромниот број на крави во светот, чиј измет испушта метан) и, за разлика од неандерталците, диносаурусите и некои сунѓерести створчиња што живееле пред 500 милиони години, ние можеме да преземеме нешто во врска со тоа. И преземаме… колку толку.
Сè повеќе земји во светот се вртат кон обновливите извори на енергија како сонцето, ветерот, водата, геотермалната енергија и уште неколку поегзотични начини на производство на енергија, сè со цел да се намали емисијата на штетни гасови во воздухот, да се обезбеди почиста околина, како и да се дојде до одржлив извор на евтина енергија.
Но, според одредени студии спроведени неодамна, одредени технологии кои што обезбедуваат скромно намалување на емисија на CO2, како користењето на природен гас или складирање на јаглерод диоксидот, не се во можност да придонесат за одржливо намалување на климатските ризици во следните 100 години. Всушност, наглото зголемување на примената на овие технологии ќе доведе до уште поголемо испуштање на CO2 заради процесот на нивно производство и имплементација. Ова дополнително количество на штетни материи би се задржало долго во воздухот заради долгиот животен век на јаглерод диоксидот, што значи дека на среден рок просечните температури би се зголемиле уште повеќе отколку кога би продолжиле да користиме енергија од традиционалните термоцентрали на јаглен.
Меѓутоа, не смее да се одолговлекува спроведувањето на „зелените“ технологии. Ризикот од климатски промени и загадување на околината значително ќе се зголемат во втората половина на веков, доколку продолжиме да се потпираме на традиционалните извори на енергија. Истражувачите од Стенфорд осмислиле едноставен математички модел кој ги пресметува ефектите на преминувањето на нови енергетски технологии врз концентрацијата на стакленички гасови и средната глобална температура. Тие пресметале дека со масовна замена на термоцентралите на јаглен (како најголеми загадувачи по единица произведена енергија) со нови технологии, како употреба на соларни системи (за топла вода, концентрирана соларна енергија и фотоволтаици), ветерници, хидроцентрали, геотермална енергија, природен гас и постројки за складирање CO2, може да се постигнат најголеми намалувања на емисиите на стакленички гасови и да се обезбеди одржлива стабилност на температурата.
Затоа, да се надеваме, за доброто на сите, дека теоријата која ја спомнав на почеток од текстот е само теорија.