Голем број граѓани во регионов наскоро ќе добијат изменети сметки за потрошена електрична енергија, во некои земји ќе бидат повисоки, во некои пониски. Во Хрватска, државната енергетска компанија ХЕП деновиве најави дека од регулаторната комисија за енергетика побарала намалување на цените за 10,7 отсто, притисната од пониските цени што ги нудат приватните компании, германска РВЕ и словенечка ГЕН-И. Во оваа земја пазарот на електрична енергија е целосно либерализиран и трите дистрибутивни компании, една државна и две приватни, на домаќинствата им нудат различни цени, односно пакети за потрошувачка на електрична енергија. И по првичните скокови на цените во земјата со почетокот на либерализацијата, таа сега покажува позитивни ефекти.
За разлика од Хрватска, во Србија струјата поскапува за 10,9 отсто, а во Црна Гора порастот ќе биде за 2,38 отсто. Нашиот јужен сосед има исклучително ниска цена на струјата, што веројатно е и причина за огромните загуби на нивната енергетска компанија, па како што објаснуваат оттаму, и со ваквото поскапување, нивните цени ќе бидат најниски во Европа. Од земјите од Европскатa Унија најевтина струја плаќаат Бугарите, околу 9,6 евра за 100 киловат-часови (со вклучени такси), а од земјите што сакаат да се приклучат на ЕУ, најниска цена имаат Босна и Херцеговина и Македонија. Kај нас неодамна Регулаторната комисија за енергетика ја намали цените на струјата за тарифните потрошувачи, па јулските сметки ќе бидат поевтини за 4,48 отсто.
Меѓутоа, иако Македонија е меѓу земјите со најниска цена на струјата за домаќинствата во Европа, таа е единствена што има поскапа струја за стопанството. Ако се погледнат статистичките податоци на „Евростат“. може да се види дека во сите земји без исклучок, електричната енергија за индустријата е поевтина од таа за домаќинствата. Не само во земјите од ЕУ, туку и во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Албанија, кои с` уште немаат целосна либерализација на пазарот на електрична енергија. Србија, според најавите, ги има утврдено истите рокови како и Македонија, односно од 2015 пазарот на електрична енергија да биде целосно отворен.
„Евростат“, во суштина, и нема цени за индустриската струја во Македонија, веројатно затоа што ние с` уште имаме комбиниран систем. Па така, имаме девет поголеми компании што во 2008 година излегоа на слободниот пазар. Другите фирми се во категоријата тарифни потрошувачи, заедно со домаќинствата и меѓу нив цената се балансира. Односно, за да имаат домаќинствата поевтина струја, фирмите плаќаат поскапа. Дел од овие компании, кои имаат над 50 вработени и годишен обрт од над 1 милион евра (146 фирми), е предвиден за втората фаза од либерализацијата, која неодамна, втор пат се одложи, со која ќе купуваат струја од трговците. Kога ќе им биде овозможено тоа, сигурно е дека ќе плаќаат поевтина струја. Но затоа, таа за домаќинствата и за малите и средните фирми што ќе останат во категоријата тарифни потрошувачи ќе се зголеми. И додека трговците со струја велат дека скокот нема да биде поголем од 2 отсто, надлежните сметаат дека ако сега се отвори пазарот, струјата ќе поскапи за најмалку 25 отсто. Регулаторна најави дека постојат механизми тоа да се спречи, па за да се направат сите подготовки, дојде до ново одложување. Пазарот на електрична енергија во Македонија, според преземените обврски, треба целосно да биде либерализиран од јануари 2015 година.
Големите сега купуваат евтина струја
„Бучим“, „Окта“, „Макстил“, „Арчелор Митал“, „Усје“, „Југохром-Фероалојс“, „Скопски легури“, „Фени индустри“ и „Македонски железници“ се компаниите што веќе неколку години купуваат струја на слободниот пазар. И истата ја плаќаат по различни цени, во зависност од тоа што нуди берзата и трговците. Со оглед дека електрична енергија годинава, поради добрата хидрологија, има многу, и цените се ниски.
И „Електрани на Македонија“ годинава имаат вишоци струја и ако се погледнат аукциите на кои се нудат одредени капацитети и во одредени периоди, може да се види дека се постигнува просечна цена од 3,7 евра за 100 киловат-часови во во март или 4,2 евра во јуни.
Автор: Зденка Павковиќ
Извор: Дневник