Напредните батерии на Envia Systems се на чекор поблиску до комерцијална употреба, откако доби зелено светло од управниот одбор на General Motors (GM).
Овие батерии се одликуваат со густина на енергија од 378-418 Wh/kg (ват часови по килограм). За споредба, стандардните батерии за електрични возила имаат значително пониска густина на енергија. На пример, батеријата на одличниот Tesla Roadster има густина од 121 Wh/kg, додека пак на Nissan Leaf има густина на енергија од 79 Wh/kg. Од GM ќе вршат и понатамошни тестирања на овие батерии, но се надеваат дека ќе бидат спремни за инсталирање во електрични коли за 2 до 4 години.
-Интересно е како мали компании како Envia се појавуваат од никаде и изненадуваат со некој ваков производ. Ми се чини дека имаме повеќе од 50-50 шанси да развиеме кола што ќе помине и повеќе од 300km со едно полнење на батеријата. Тоа навистина би ги променило работите во индустријата – вели Ден Акерсон, директор на GM.
Се разбира, компанијата Envia и нејзината батерија не се појавија од никаде – во голема мера тие се производ на една програма за поддршка на иновации во енергетиката. Имено, батеријата се заснова на технологија лиценцирана од Argonne National Laboratory, а нејзиниот развој е финансиран со 4 милиони долари од страна на ARPA-E (Advanced Research Projects Agency-Energy) и, се разбира, од страна на GM.
Самиот факт дека со оваа батерија со густо „набиена“ енергија една електрична кола може да помине повеќе од 300km е уште поимпресивен кога ќе се спореди со новите модели на електрични автомобили, како Nissan Leaf 2012, кој има автономија на движење од 115km, додека пак Mitsubishi i-MiEV може да извози 100km со едно полнење на батеријата. Сепак, има и други автомобили со навистина импресивно голема автономија на движење, како Tesla S Sedan, со 426km. Но, она што навистина ја прави посебна батеријата на Envia е нејзината цена. Моделот Tesla S има навистина голема батерија, која е трипати поголема од онаа на Nissan Leaf, што значително придонесува за високата цена на овој електричен автомобил. Од друга страна, батеријата на Envia се очекува да чини и до 50% помалку од стандардните батерии, со што значително би паднала и крајната цена на електричните возила.