Стравот од скриени трошоци, ниската свест за енергетска ефикасност и недореченоста во законите се клучните причини за слабата искористеност на кредитните линии за енергетска ефикасност во државата. За експертите оваа проблематика е сé уште во зародиш кај нас, иако во развиените европски држави многу се внимава на енергетската ефикасност. Целта е до 2018 година на еден метар станбена површина да се трошат по 15 киловат-часа енергија на годишно ниво, додека потрошувачката во Македонија сега е 300 киловат-часа по квадрат, тврдат енергетичарите. Домашните банки веќе излегоа со поволни кредити за оваа намена, но интересот барем засега е помалку од симболичен.
– Она што како банка го нудевме повеќе се однесуваше за домаќинствата, за замена на прозорци и врати, а не за компаниите. Износот на кредитот беше до 10.000 евра и можам да кажам дека немаше голем интерес. Веројатно треба повеќе да се работи на издигање на свеста на значењето на енергетската ефикасност – вели Емилија Спировска од Прокредит банка.
Во моментот банката прави анализа и истражување на пазарот за дефинирање продукт за енергетска ефикасност, за што ангажирале и консултанти од странство. Студијата треба да биде готова до крајот на летото, додека кредитната линија за енергетска ефикасност ќе биде од банката КФВ од Германија, велат од Прокредит банка. Во глобалната студија за пазарната побарувачка за Западен Балкан, Македонија е идентификувана како земјата со голем потенцијал за подобрување на енергетската ефикасност, но со немање доволен пристап до долгорочното финансирање. Сега, кога парите се тука, нема кој да ги земе. Минатата недела со кредитна линија од 4 милиони евра за енергетска ефикасност излезе и НЛБ Тутунска банка. Кредитот е исклучително поволен не само поради каматната стапка од 1.82 отсто туку и заради можноста 15-20 проценти од земените средства да бидат отпишани доколку успешно се имплементира проектот. Од банката велат дека, иако има интерес кај македонските компании, сé уште не склучиле договор со никого.
– Во моментот во процедура на обработка во банката се неколку издржани проекти, кои се однесуваат на енергетската ефикасност. Банката очекува со потпишувањето на договорот со ЕБОР да се зголеми интересот за овие типови проекти, кои на долг рок претставуваат економски оправдани инвестиции. Особено е значајно да се истакне дека оваа кредитна линија опфаќа стимулации за успешно реализирани проекти, што дополнително ги поттикнува компаниите да инвестираат средства во заштеда на енергија или обновливи извори – ни изјавија од Тутунска банка.
Оттаму додаваат дека со понатамошното усогласување на македонското законодавство со регулативите на ЕУ, еколошката свест и интересот на компаниите за овој вид банкарски услуги уште повеќе ќе се зголемат. Од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија апелираат на поголема енергетска ефикасност, за што се залагаат и зелените партии во државата. За стопанствениците, пак, некои од проблемите лежат во легислативата.
– Министерството за економија нема донесено правилник за енергетски ефикасни згради врз основа на што општините треба да донесат програма за енергетски ефикасни објекти. Потрошувачката на енергија треба секоја година да се намалува, но бидејќи нема таков акт, сé е препуштено на иницијативата на одредени компании – вели Томе Костадиновски, бизнисмен. Во однос на банкарските кредити, стопанствениците предупредуваат на скриените банкарски трошоци што кога ќе се собере достигаат и до 7-8 отсто камата, што е причина за намалениот интерес.
Преземено од Нова Македонија