Во овие ладни зимски денови некако прикладно доаѓа веста од Индија дека истражувачите во Националната лабораторија Сандиа создале фотоволтаични ќелии со облик и големина на снегулка. Овие минијатурни ќелии се направени од кристален силициум и користат 100 пати помалку материјал за генерирање на одредена количина на електрична енергија споредено со стандардните 15cm големи фотонапонски ќелии. Бидејќи се идеални за искористување на сончевата светлина кај неправилни површини и потребно е многу малку материјал за нивна изработка, од овие ќелии се очекува да бидат поевтини, поефикасни да најдат примена онаму каде класичните панели не можат.
Новите фотоволтаични ќелии на Лабораторијата Сандиа се создадени со помош на најсовремени микроелектрични и микромеханички техники на изработка, што обезбедуваат мали димензии и мали механички деформации. Една од предностите на нивните минијатурни димензии е што ако една соларна ќелија од еден систем се расипе, тоа многу малку ќе влијае на ефикасноста на целиот систем, додека кај конвенционалните панели, во најдобар случај се менува една ќелија, а во најлош случај цел панел, што доведува до големо намалување на производството на енергија.
Овие соларни ќелии можат да се вградат на необични површини и материјали, како шатори, фасади, часовници, па дури и облека, што би им овозможило на луѓето да ги полнат своите мобилни телефони или други уреди додека се шетаат. Нормално, од инженерите од Сандиа истакнуваат дека се подразбира можноста за класична кровна примена на овие ќелии или нивно вклучување во постоечки ситем.
Моментално ќелиите-снегулки произведуваат енергија со 14.9% ефикасност, што ги сместува негде на средината на опсегот на ефикасност на комерцијално достапните панели, што изнесува меѓу 13 и 20% ефикасност на преобразба на соларната енергија. Се очекува како што ќе напредува и технологијата, така и нивната ефикасност да расне, а цената да паѓа.