Неодамна ги плаќав двете сметки за електрична енергија за јануари и фебруари, ма колку и да бев лут, после овој блог пост и неколку пати преслушувањето на песната заклучив: Не е крива владата, ниту регулаторната комисија за тие високи сметки, ние сме криви.
Ајде да се исправам – Тие се криви, со нивните бизниси за „интервентен“ увоз на „непредвидена“ електрична енергија, дуењето на трошоците на производителите (читај РЕК Битола и РЕК Осломеј, каде се живо и диво е ставено во пресметките како трошоци за формирање на цената на електрична енергија), но пак на крајот ние сме криви, прво зошто го дозволуваме тоа да се случува, молчиме за малите (работни места во енерганите) и големите (бизнисот со увоз на струја) и второ што самите не штедиме сами кај себе.
Затоа ќе ги оставам на крај високите инстанци и нивните интереси и ќе бркнам малку во сопствениот џеб. Да, цената на киловатчас можеби е висока споредено со платите на просечниот македонски граѓанин, но сепак крајниот резултат е базиран на потрошувачката, која пак е базирана на комодитетот од кој тешко се откажуваме. Иако во некој случај со право реагираме на цените на енергенсите, тоа нема драстично да ја смени ситуацијата во која сме. Но затоа пак, можеме да направиме промени, кои би ја намалиле потрошувачката на енергија во домот.
Бидејќи светилките одамна ги заменив со енергетски (освен халогените светилки во дневната соба кои ужасно ме нервираат бидејќи даваат многу мала светлина,и веќе им е планирана комплетна замена), направив листа на работ кои можат да се направат за да се намали потрошувачката во иднина. Голем дел од апаратите се понови и се од А енергетска класа, освен CRT телевизорот кој е вклучен речиси 24/7, така да прва прилика го менуваме за поенергетски „диетален“ 🙂 LCD телевизор.
Излезе дека термо печките и бојлерите се најголеми потрошувачи кои ги земавме здраво за готово, бидејќи уживавме во комодитетот што ни го пружаат.
Бојлерите се дефакто најголеми потрошувачи, бидејќи се користат во текот на целата година, интензивно, поебно од нашето 8-члено семејство. Бидејќи веќе неколку месеци правев истражувања за соларните системи и цените во Македонија, очигледен избор број еден беше Соларен систем кој ќе ги замени двата постари 80 литарски бојлери со стари грејачи. Идејата е да се направи централен систем кој ќе се топли на соларна енергија, а во периоди кога нема сонце и во зима да се топли во наизменични денови и во Недела за време на евтина тарифа. Со овој систем заштедите би биле големи, а инвестицијата би се движела од 600 до 2400 евра, со период на враќање на инвестицијата 3-10 години.
Дури и со последните одливи од семејниот буџет, во моментот греењето на електрична енергија е наједноставниот начин за греење за нашето семејство (за нашето потесно семејство), меѓутоа термо печките и те како не се воопшто енергетски ефикасни. Она што ми падна на памет е да ги споредам сите можни начини на затоплување, и крајниот резултат според сите критериуми беше поставување на клима со инвертор со висок COP, со цел колку можно поефикасно икористување на енергијата. бидејќи се работи за две термо пречки, одлуката е да се инвестира едно по друго, во моменти кога се може.
Разгледавме и други опции како што се термоизолација, замена на некои од функциите на некои апарати (пр. готвење на гас), но со оглед на можностите, останавме на горното.
На крај мојата листа изгледа вака:
Соларен систем (замена на два бојлери)Ново расветно тело за дневнатаКлима уред со инвертер во дневната (замена на термо печка)заменето со централно греење- Нов LCD телевизор (стариот нема да се користи постојано)
Клима уред со инвертер во спалната (замена на термо печка)заменето со централно греење
Изгледа доста „солено“, но е предвидено да се спроведе во наредните неколку години).
Е сега, бидејќи и целта на постот ми беше сосема друго, кое најверојатно ќе биде нов пост, сакам само да напоменам дека во скоро време планирам да воведам и мониторинг систем на трошењето на енергија (не дека не им верувам на ЕВН, не си верувам себе си 🙂 ) со цел да ги увидам навиките кои ги имаме со енергијата, кога најмногу трошиме и зошто. До тогаш… путуј Европо, немој више чекати на нас!
4 Comments
Борче
Супер е текстот како и целата страна, е сега за делот со халогените сијалици има замена на LED диоди со 3.8W потрошувачка и во споредба со халогените имат јачина на светење како 35W халогенка…само како информација
Поздрав
Игор Мишевски
Здраво Борче,
Благодарам на пофалбите и информациите. Халогените светилки кои ги имам јас се со грло G9, за која не најдов замена во Македонија, туку само на интернет. Доколку имаш информација каде може да се најдат такви светилки, би било супер.
Поздрав
Трајче Трајчев
Ваквиот пристап е опасно оправдување на третманот на електричната енергија за домаќинствата како луксуз.
Pingback: Централно греење на камин со релна - Енергетска ефикасност