Еве по кратка пауза пак почнуваме со заедничкото дружење. Првин да Ви посакам среќна и успешна Нова 2013 Година и што е најбитно да Ви биде енергетски ефикасна :).
Вчера се наврши точно 70 години од смртта на Никола Тесла, еден од најголемите иноватори и научници во човечката историја. Последните години на неговиот живот ги помина повлечен од јавноста, дружејќи се со гулабите. Почина на седми јануари 1943 година во Њујорк. Денешниот начин на живеењето, како и функционирањето на комплетната енергетика не може да се замисли без неговите иновации. Имено неговиот систем на наизменични струи овозможи полесен и поефикасен пренос на електрична енергија, а нема фабрика која што не ги користи неговите електромотори.
Најзначајните иновации на Никола Тесла се полифазни системи, обртно магнетно поле, асинхронен мотор, синхрон мотор и неговиот трансформатор. Автор е на повеќе од 700 иновации, регистрирани во 25 држави.
Никола Тесла е роден на 10 јули 1856 година во Смиљане, Лика, денешна Хрватска. Роден е во фамилија на Милутин Тесла, православен свештеник. Неговата мајка, Ѓука, исто така поттикнува од свештеничка фамилија Мандиќ. Школувањето го започна во родното Смиљане, потоа го продолжи во Госпиќ и Карловац. Студираше во Грац и Прага, но она што е интересно, никогаш не ги заврши започнатите студии. Пред него што се пресели во С.А.Д. работеше во Марибор, Пешта, Стразбур и Париз. Во Париз работеше во компанијата на Томас Едисон. Во 1884 година Тесла се пресели во Њујорк, со препорака од неговиот претходниот директор Чарлс Бечелор.
Во фирмата на Томас Едисон работеше помалку од една година и веќе во 1885 година ја отвори својата компанија. Неговата компанија направи неколку производи кој што беа предвидени за користени за користење на наизменична електрична енергија – иновација која што го смени светот. Единицата во СИ системот за густина на магнетен флукс или магнетна индукција, во негова чест е наречена Тесла на Conférence Générale des Poids et Mesures во Париз во 1960 година.
Минатиот викенд во хотелот „Њујоркер“ каде што Тесла ги помина последните десет години на својот живот, беше приредена меморијална конференција на која што е обележена годишнината на смртта на Никола Тесла. Еден од учесниците на оваа конференција беше и Метју Инмен, блогер и автор на стрипови, кој што помогна да се во рекорден рок собери 1,3 милиони долари со кој што ќе се откупи Теслината лабораторија, која што во иднината ќе се трансформира во научен центар.
Самиот Тесла беше извор на инспирација на голем број на уметници. За него беа напишани голем број на книги. Во моментот се спрема игран филм, со Кристијан Бејл во улога на Никола Тесла.