Како резултат на моменталната расправа на светско ниво за сузбивање (или во најмала рака, намалување) на глобалното затоплување и загадување на околината, во мислите на многу политичари и стручњаци се врти идејата за заживување на нуклеарната енергија. И нашите политичари и стручњаци не беа одминати од овој тренд, па беше донесена Стратегијата за развој на енергетиката до 2025 г. од страна на МАНУ, а прифатена од владата, во која се предвидува изградба на нуклеарна централа во Македонија. Интересно е што меѓу предлозите за намалување на ефектите на глобално затоплување, често се нагласуваат предностите на нуклеарната енергија, но нејзините недостатоци се занемаруваат.
Со овој напис ќе се обидеме да ја пополниме таа празнина.
Предности:
- Нуклеарните централи испуштаат релативно ниска количина на CO2, па така, придонесот на нуклеарните централи кон глобалното затоплување преку стакленички гасови е ралатино мал
- Технологијата е веќе достапна и развиена, нема потреба да се измислува некој нов концепт
- Се развиваат побезбедни реактори како и се вметнуваат нови мерки за безбедност како во градбата на централите, така и во самите системи
- Можност за производство на огромна количина на електрична енергија од само една централа
- Релативно ниски оперативни трошоци
- Брзо враќање на почетната инвестиција за изградба на централата
Недостатоци:
- Проблемот со складирање на радиоактивниот отпад е сѐ уште нерешлива загатка. Отпадот од никлеарните централи е екстремно опасен и мора со него да се ракува внимателно, да се најде безбедно и трајно складиште, бидејќи за негово распаѓање се потребни десетици илјади години
- И покрај зголемените мерки на безбедност, несреќа може да се случи. Технички е невозможно да се изгради 100% безбедна централа. Ризикот може да дојде од секаде – човечки фактор (Чернобил, Островот Три милји), технички дефект, природна катастрофа (Фукушима)… Последиците од хаваријата би биле катастрофални како по луѓето, така и по природата
- Нуклеарните централи и нуклеарниот отпад можат да станат цел на терористички напади. Ниедна нуклеарна централа во светот не би издржала терористички напад како онов на 11 септември во Њујорк
- Радиоактивниот отпад од централите може да се користи за производство на нуклеарно оружје
- Како гориво за производство на енергија се користи радиоактивен материјал (руда) како ураниум или плутониум, кои ги има во ограничени количини на Земјата. Се проценува дека со денешното темпо на експлоатација дека резервите на ураниум ќе се потрошатт за 30-50 години
- Временската рамка за потребните дозволи, планирања и градба на една нуклеарна централа се се движи од 20 до 30 години во западните земји. Што значи, илузија е да се мисли дека може да се изгради нуклеарна централа за краток рок (пренесено во наши услови, Мариово може да спие мирно)
- Висока почетна сума за инвестиција
Одржливост – дали нуклеарната енергија е одржлива?
Од неколку причини, нуклеарната енергија не е ниту „зелена“, ниту одржлива.
- И радиоактивниот отпад и затворените централи се опасно наследство со кое ќе треба да се справат следните генерации, што само по себе се коси со дефиницијата за одржливост.
- Ураниумот, како гориво за производство на енергија, веќе кажавме дека го има во ограничени количини, што исто се коси со принципите на одржливост. Од истата причина нуклеарната енергија не може да се смета за обновлива.
Заклучок
Иако можеби има уште некои фактори кои треба да се земат предвид, се надеваме дека ги опфативме повеќето (и побитните). Нуклеарната енергија несомнено може да ги реши енергетските проблеми на некоја држава на подолг рок, но исто така може да предизвика повеќе проблеми отколку што решава. Заклучокот за нејзината (не)полезност од морален, етички и прагматичен аспект, го препуштаме на вас.
2 Comments
Anonimen
Според мое мислење на РМ не и е потребно изградба на нуклеарна централа.Од проста причина што произведуваме енергија исто толку колку што трошиме.А кога ке погледнеме од друга страна какви катастрофи можат да доведат поготово на ова мало парче земја.
Горан
Ние како по обично доцниме со нештата, нуклеарка требаше да биде изградена пред 20 години. Сето тоа ќе се одразеше многу позитивно на економијата, што е многу важно за нас како земја во развој. Па постепено да се инвестира во обновливите извори на енергија.