Драстичниот пад на цената овозможи обновливите извори на енергија да станат сѐ поконкурентни со фосилните горива на светско ниво, според неодамнешно истражување спроведено од страна на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA – не таа Ирена 🙂 ).
Во извештајот, објавен за време на одржувањето на World Future Energy Summit во Абу Даби, наведени се проекции дека цената на производство на технологија за повеќе типови на обновливи извори на енергија ќе продолжи засилено да паѓа во наредните години.
Поконкретно, технологија за која се предвидува најголем пад на цената се фотоволтаиците, концентрираната соларна енергија и ветерниците. Технологијата за хидроенергија, како и повеќето технологии за искористување на биомаса се веќе развиени технологии и кај нив не се очекува голем пад на цената.
Соларните фотонапонски ќелии доживеаа значителен пад на цената во последните години. Тие претставуваат безбеден извор на енергија со голем степен на стабилност и не се подложни на флуктуациите на цената на горивата, притоа постигнувајќи паритет на поголем број пазари. Според иавештајот, со понатамошниот пад на цените, паритетот наскоро ќе стане правило, а не исклучок.
Што се однесува до технологијата за ветерна енергија, со студијата се открива дека има намалување на крајната цена на инсталирање, откако претходно од 2004 до 2009 година всушност имаше пораст на цената. Цената на производство на ветерните турбини, одредена од прекумерното производство од производителите на ветерни турбини, во овој момент е пониска за ¼ во споредба со цената во 2009 година во САД. Дополнително намалување на цените може да предизвика и моменталната голема разлика во цената помеѓу кинеските ветерни турбини и оние од западните земји.
И покрај значителното поевтинување на технологиите, во студијата се наведува дека искористувањето на обновливите извори на енергија продолжува да биде попречувано, пред сѐ заради мислењето дека иако се одржливи, тие не се економски исплатливи како фосилните горива.
Со цел обновливите извори да станат прва опција за производство на енергија, потребно е да продолжи поевтинувањето на технологијата и унапредување на нејзините перформанси. Доколку ова се случи, потребно е да се воведат и мерки за поддршка за да се надминат и други пречки кои не се поврзани со цената, кои ја поткопуваат распространетата употреба на обновливата енергија.