Според најновото истражување спроведено од научници на Универзитетот во Делавер и Техничкиот колеџ во Делавер, САД, од обновливите извори може да се обезбеди доволно енергија за снабдување на цела енергетска мрежа.
-Резултатите кои ги добивме се спротивни на досегашното мислење дека обновливите извори на енергија се скапи и нестабилни. Клучот е во одредувањето на вистинската комбинација на енергетски извор и на систем за складирање на енергија, како и во прецизна пресметка на трошоците – рече Вилет Кемптон, коавтор на студијата и професор на Универзитетот во Делавер.
Кога правилно ќе се искомбинираат ветерната енергија, сончевата енергија и горивните ќелии, од нив би можело да се добие енергија што задоволува 99.9% од енергетските потреби до 2030 година, и тоа по цена слична на моменталната.
-На пример, со користење на водород за складирање на произведената енергија, во САД би можеле да создадеме електроенергетски систем што би задоволил побарувачка на моќност од 72 GW, и тоа 99.9% од времето. Притоа, 17GW би биле соларна енергија, а 183GW ветерна енергија, од кои 68GW од off-shore турбини и 115GW на копно – истакнува Кори Будишак од Техничкиот колеџ во Делавер.
Земено моментално употребуваната технологија, инсталирана моќност од 1 GW би дошло околу 200 големи ветерни турбини или околу 250000 фотонапонски панели на покривите. Дел од „трикот“ е што генераторите што се користат кај обновливите извори мора да имаат поголема моќност, бидејќи сонцето и ветрот не можат да се искористуваат максимално целото време.
За спроведување на истражувањето, бил развиен компјутерски модел кој проверил 28 милијарди комбинации на обновливи извори на енергија и системи за складирање на енергија, земајќи ги како параметри податоците за временските услови во текот на 4 години. Овој модел опфаќал информации од поголема национална метеоролошка мрежа, која покрива 13 држави од источниот дел на САД, што претставува 1/5 од американската дистрибутивна мрежа. Интересно е што студијата и компјутерскиот модел се концентрираа на намалување на трошоците, наместо конвенционалниот пристап на усогласување на производството и потрошувачката на електрична енергија како кај другите студии.
Така, истражувачите откриле дека производството на вишок енергија во нормални часови, а со цел да се задоволи потрошувачката при шпицови а со слаб ветер, би било поевтино отколку складирање на енергијата за подоцнежна употреба. Системите за складирање се прилично скапи, ако се знае дека средствата кои се користат за складирање (батериите и водородните резервоари) мора да бидат поголеми за секој нареден час на складирање на енергијата.
Во студијата се користени проекции за цената на технологијата во 2030г. без државни субвенции, споредени со деншните цени на енергијата добиена од фосилни горива на светско ниво. Во цената на енергијата од фосилни горива е вклучена како цената на самото гориво, така и дополнителни трошоци, како трошоци за здравствени услуги заради загадувањето. Процените се дека до 2030г. капиталните трошоци за соларна и ветерна енергија ќе бидат половина од она што се денес, додека трошоците за одржување се оценува дека би останале горе-долу исти.