Регулаторната комисија најави дека до крајот на јуни ќе одлучи за корекција на цената на струјата
Се’ поизвесно е дека веќе од следниот месец струјата ќе поскапи, иако засега никој од надлежните не потврдуваат за колку проценти. Taa последен пат поскапи на 1 јануари годинава за 8 отсто. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ги добиле месечните извештаи на ЕЛЕМ и ЕВН за оперативните трошоци во работењето кои до крајот на овој месец треба да се разгледаат и да падне одлуката за корекција на цената.
Според Правилникот за регулирана цена, доколку енергетската компанија за одреден период има остварено за над 5 отсто поголеми трошоци од проектираните, при постојна цена на киловат-час струја, или пак, има нови инвестиции, Регулаторна треба да и’ ги признае. Со други зборови, да одобри повисока цена на киловат-час и на тој начин компаниите да си ги покријат зголемените трошоци, односно да не бидат во финансиска загуба.
„Доставени се извештаите на ЕЛЕМ и на ЕВН за оперативните трошоци кои се следат на месечно ниво, а се настанати во зимскиот период, поради високата цена на увезената електрична енергија. Ние ќе ги разгледаме и ќе видиме дали се трошоците на компаниите поголеми од 5 отсто од планираните и дали има простор за корекција на цената на струјата“, изјави вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.
Од ЕЛЕМ и ЕВН не сакаат официјално да потврдат дали во своите извештаи до РКЕ побарале корекција на цената на електричната енергија, се’ додека Регулаторна не ги разгледа и не донесе одлука. Сепак, многу логично е дека во изминативе месеци од годинава компаниите имаат зголемени трошоци. Бидејќи потрошувачката на струја во земјава, особено последнава зимска сезона, беше многу зголемена во споредба со лани, поради ниските температури. Истовремено, затоа што со истиот проблем се соочуваа сите земји во регионот и пошироко, имаше недостиг од струја од увоз. Па, така нејзината цена драстично се зголеми достигнувајќи во февруари цена од 155,75 евра по мегават-час.
За потсетување, во почетокот на годинава Владата прогласи енергетска криза, поради малото хидропроизводство во текот на минатата година и драстично зголемената потрошувачка на енергија, затоа што граѓаните масовно се откажуваа од парното греење.
Во јануари годинава од ЕЛЕМ информираа дека потрошувачката во цела 2011 година изнесувала 6.975,7 гигават-часови, што е најголема годишна потрошувачка регистрирана од 2005 година до сега. Поради недоволното домашно производство, од една страна, и големата потрошувачка, од друга страна, ЕЛЕМ мораше да набави нови количини струја во екот на зимската сезона, кога е таа и најскапа на берзите. Само за периодот 16 до 29 февруари се набавија 31.800 мегават-часови за што се платија 5 милиони евра. Додека, во цела 2011 година се увезе струја во вредност од 41 милион евра. (M.T.)
Крадците на струја ќе останат без приклучок и броило
ЕВН Македонија и Министерството за внатрешни работи открија нови 1.200 кражби. Како што информираат од компанијата, ова е бројката на корисници кои само во последниов месец од должници прешле во категоријата на крадци на електрична енергија. Вкупниот број на откриени кражби во последните шест месеци се зголемил на 4.500. Дел од нив се фатени во класични кражби на струја, а дел самоволно се приклучиле откако претходно биле исклучени поради долг и сега се во категоријата неовластено користење на електрична енергија.
Од ЕВН посочуваат дека мерките за откривање и санкционирање не само што ќе продолжат туку и ќе се заострат. Екипите на ЕВН веќе ја практикуваат и последната можна мерка според Законот за справување со кражбите, а тоа е одземање на приклучокот и броилото. Оваа мерка се користи и кај оние кои неколкупати самоволно се приклучувале.
Најмногу кражби се откриени кај домаќинствата, каде што завршиле 38 милиони киловат-часови електрична енергија. Кражби има и кај бизнис- корисниците со 19 милиони киловат-часови.
ЕВН Македонија ги потсетува сите корисници дека ова лето имаат можност со склучена спогодба за плаќање на тужениот долг во целост да им бидат избришани сите камати, судски трошоци и трошоци за нотар и извршител. По плаќањето на долгот се запира и целата судска постапка. (Ек.Р.)
Извор:Утрински весник, автор:Маја Томиќ