Kога пред една година Владата на четири месеци ја намали акцизата за 4 денари, а задолжителната резерва за 0,5 денари, се направи дупка во државниот буџет од околу 10 милиони евра, што е и најголемата причина поради која оваа опција никој од Владата засега не ја споменува
Преговорите со „Окта“ за промена на методологијата нема да сменат ништо во цената на горивата во земјава. Со вакви песимистички очекувања Владата оди на денешниот долгоочекуван состанок со стручен тим од Рафинеријата, на кој, меѓу другото, треба да се разговара и за одредени измени во начинот на пресметка на цената на нафтата.
Претставник на Владата на состанокот ќе биде министерот за економија Ваљон Сараќини, кој првично најави дека тоа ќе биде почеток на преговорите за промена на методологијата. Сепак, од Владата ја спуштаат топката и предупредуваат дека граѓаните не треба да имаат големи очекувања од таа средба.
– Состанокот нема да претставува некој суштински чекор на преговори бидејќи на него нема да се потегне само прашањето за промена на методологијата, туку и на други отворени прашања. Средбата не треба да се гледа како барање решение за моменталната ситуација со цените на горивата, туку како долгорочно редефинирање на односите меѓу Владата и „Окта“ што ќе биде во интерес и на компанијата и на македонското стопанство – велат од Владата.
Технички корекции во методологијата
Познавачите објаснуваат дека и да прифати „Окта“ промени во методологијата, тие најмалку ќе се однесуваат на цената на нафтата, а најмногу ќе бидат промени од технички карактер. И покрај тоа што Владата однапред знае дека преговорите со „Окта“ нема да придонесат за намалување на рекордните цени на горивата, с` уште не размислува за други конкретни мерки.
– Високите цени на горивата во моментов се глобален феномен и ние не сме исклучок од тоа. Kај нас има служби кои постојано ги следат случувањата и разгледуваат разни опции. Но во моментов нема конкретни најави за преземање какви било мерки – објаснуваат од Владата.
Нејзе на располагање ~ стојат две можности со кои ќе влијае врз цената на бензинот: да се откаже од дел од акцизата или да влијае врз трговците да ја спуштат маржата за бензинот што го продаваат. И додека нашата Влада с` уште прави анализи дали воопшто е потребно да преземе нешто околу бензините, соседните влади веќе се мобилизираат. Српската размислува да ја намали маржата на нафтата или административно да ја ограничи максималната цена на горивата. Хрватската влада, пак, најави дека ќе ја намали акцизата кога цената на бензинот ќе ја надмине психолошката граница од 1,64 евро. Сега литар бензин во Хрватска чини 1,47 евро.
Во Македонија за литар бензин од 95 октани, кој сега се продава по 86 денари, акцизата изнесува 21,888 денар, додека надоместокот за задолжителна резерва е 0,89 денари. Пред една година, кога литар од тој тип бензин чинеше 81,5 денари, Владата на четири месеци ја намали акцизата за 4 денари, а задолжителната резерва за 0,5 денари. Тоа предизвика пад на цените од 2,5 до 4,5 денари за литар, но и направи дупка во државниот буџет од околу 10 милиони евра. Всушност, ова е и најголемата причина поради која оваа опција никој од Владата засега не ја спомнува.
Трговците избираат најголем ќар
Доколку трговците одлучат да се откажат од дел од заработката, цената на бензините може да се намали од 0,5 до 1,5 денар. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, трговците може да избираат меѓу четири износи на маржа и тоа највисока од 3,2 денари за литар, 2,7 денари за литар, 2,353 денари за литар или најмалата маржа – 1,93 денар за литар гориво. За жал, трговците секогаш ја избираат највисоката маржа.
Граѓаните, пак, стануваат с` понестрпливи и бараат државата да ги заштити од вртоглавите цени на горивата. Голем дел веќе почнаа да ги менуваат животните навики и помалку да ги користат автомобилите.
– Деновиве првпат по 10 години бев принудена да го оставам автомобилот дома и до работа да одам со градски превоз. Живеам во населба што е подалеку од центарот на градот и со сегашните цени на бензинот користењето автомобил ми стана луксуз. До лани за бензин месечно трошев по 2.000 до 3.000 денари, а сега трошокот ми се удвои и достигна над 6.000 денари. Неиздржливо е и затоа решив на подолго да го паркирам возилото. Речиси сите мои пријатели го направија истото – вели скопјанката Даринка Величковска.
Организацијата на потрошувачи на Македонија засега не реагира на високите цени на горивата. За разлика од кај нас, Националната организација на потрошувачи на Србија ги повика граѓаните во текот на вчерашниот ден да ги бојкотираат бензинските пумпи и да не полнат бензин, во знак на револт против растечките цени.
Нафатат допрва ќе урива рекорди
Нафтата на светските берзи уште повеќе ќе поскапува во следниот период, прогнозираат експертите. По рекордниот раст на нафтата од типот „брент“ од 111 долари за барел кон крајот на минатата година, се очекува уште повисок раст.
– Во периодот до март 2013 година очекуваме просечна цена на „брент“ нафтата од 123 американски долари за барел – изјави Роналд Стоеферле, експерт за производи во „Ерсте груп“.
Цените на горивата кај нас се формираат според актуелните цени на нафтата „брент“.
Даница ТУНТЕВСКА
Извор: ДНЕВНИК