Сите имате слушнато како за штедливи светилки, така и за LED расвета. Но покрај овие видови на расвета во последни години се појави и OLED расвета. Што е OLED расвета? OLED претставува вид на светлечка диода, која емитува светлост, која се состои од органски компоненти.
OLED екраните работат така што електричната енергија поминува низ органскиот материјал и како реакција на тоа испуштаат светлост. Бидејќи ваков процес не бара дополнително осветлување, OLED екраните се потенки и повеќе штедат електрична енергија, но се уште не се поевтини од постојните LCD и плазма монитори. OLED монитори се веќе користат во производство на мобилни телефони. Во 2008 година, компанијата SONY почна со производство на првиот OLED телевизор под име XEL – 1. Овој модел на телевизор доби голем број на пофалби во врска со квалитетот на самата слика и на неговата големина – мониторот е широк 3 mm. Но цената на овој модел е и понатаму висока во однос на класичните телевизори.
За разлика од LCD мониторите, кои најмногу користат неоргански компоненти (силициум, германиум, галиум итн.) OLED, како што и самото име зборува, користи органски или хибриди на органски-неоргански материјали. Органските материјали ветуваат добри карактеристики како што се широкиот спектар на работни температури, флексибилност и добра спроводливост.
Кои се погодностите на OLED?
LCD моментално претставува прв избор за големи телевизори. Исто така LЕD има голема примена во производство на дигитални часовници и други електронски уреди. Но OLED, за разлика од LCD, нуди големи предности, како што се :
- Органските слоеви на OLED се потенки, полесни и пофлексибилни, за разлика од кристалните слоеви во LCD или LED
- OLED има широк агол на гледање – око 170 степени
- OLED многу лесно се произведуваат, бидејќи тие се во основа пластични материјали. Исто така тие можат да се произведуваат во големи димензии
Но покрај овие предности OLED има и одредени недостатоци како што се:
- Животниот век – додека црвените и зелените OLED слоевите имаат долг животен век (46.000 дo 230.000 работни часови) синиот слој има многу пократок животен век од околу 14.000 работни часови
- Производство – производниот процес е сѐ уште скап, но како технологијата напредува, тоа нема повеќе да биде голем проблем
- Вода – како и секоја друга течност лесно го оштетува OLED, бидејќи тој и нема голема заштита
Моментално OLED има примена во производство на мали екрани – екрани на мобилните телефони, но сѐ повеќе компании експериментираат со производството на OLED монитори. Истражувањата и самиот развој на OLED брзо се одвиваат и како резултат на ова во блиската иднина можеме да бидеме сведоци на смената на постојните LCD и LЕD монитори.