Во светот, речиси 40 проценти од примарните енергетски ресурси се конвертирани во електрична енергија и се трошат во таа форма. Доколку таа енергија е произведена од традиционалните извори како што се нафтата, гасот и јагленот, ќе се доведе до прашање факторот на сигурност и ќе се повтори големата нафтена криза, меѓутоа поради глобализацијата, дестабилизирачкиот ефект ќе биде во поголеми размери.
За искористувањето на обновливите извори на енергија потребно е да се повикаме на технолошките можности кои и се нудат на една држава. Но, тоа не треба да биде сфатено во буквална смисла на зборот, бидејќи доколку една држава има висок коефициент на загаденост, а нема технолошки можности, може да го искористи својот потенцијал врз основа на странски искуства и странски капитал. * Имено, според The Stern Review и други релевантни студии, технолошкиот развој ќе придонесе за ниски или близу нула штетни емисии, кои мора да се случат не само во индустријализираните држави, туку и во земјите во развој. Според последните забелешки на Меѓународната енергетска агенција донесен е следниот заклучок:
* Правилното искористување на изворите на енергија и прудентни мерки за енергетска ефикасност ќе доведат до ценовна стабилност и сигурност во снабдувањето со енергија, развиениот свет би ја одржал својата благосостојба, а земјите во развој ќе го забрзаат својот економски раст и ќе ја намалат стапката на сиромаштија.
Доколку постои разновидност при искористување на обновливите извори на енергија, може да се создаде и рамнотежа на долг рок помеѓу трошоците за производство и количеството на произведена енергија. Воедно, на тој начин ќе се задоволи и финансиската оправданост за искористувањето на различните видови на енергија.
Меѓутоа, искористувањето на различни видови на енергија пренесено на теренот на правото не смее да се сфати како основа за комплексност на законодавната рамка. Всушност, за да се искористи максималниот енергетски капацитет кој го поседува Република Македонија, регулативата треба да ги дефинира само основните правни принципи и мерки за енергетска ефикасност. Преку анализа на реалните состојби во електроенергетскиот систем, при дефинирање на правата и обврските за вршители на дејности во енергетиката треба да биде применет екстензивен пристап при толкување на прописите.
Од правен аспект, законодавната рамка за енергетика ќе ги даде само правните основи за искористување на енергетскиот потенцијал и поттикнување на технолошкиот развој. Практичната примена на така поставените правни прописи ќе има позитивно влијание во остварување на основната цел на енергетската политика.
*Coal Industry Advisory Board, Clean Coal Technologies – Accelerating Commercial and Policy Drivers for Deployment, International Energy Agency, Paris, 2008