Климатските промени се глобален проблем. Според некои анализи, вкупното намалување на емисии што може да се постигне е 20 проценти во однос на тоа кога не би се преземале мерки за намалување. Во секторот енергија тоа би се остварило со промена на гориво – јаглен и нафта со гас, обновливите извори на енергија – хидроенергијата, соларната, ветерната, геотермалната енергија и биомасата.
Постојат многу докази и висок степен согласност во научните кругови дека климатските промени се должат на зголемените емисии на стакленички гасови од човечки активности, во прв ред емисиите на јаглероддиоксид при согорувањето на фосилните горива. Емисиите на овие гасови за последните три децении пораснаа за 70 отсто, со тенденција за понатамошно зголемување ако во иднина се задржат тековните практики и однесувања. Според Сценаријата за емисии (СРЕС) се предвидува пораст од дури 90 проценти на емисиите на стакленички гасови во 2030 година во однос на вредностите во 2000 година.
Потребни се промени во животниот стил и навиките. Климатските промени ќе се случуваат. Прашање е дали ќе вложуваме повеќе во нивното ублажување и приспособувањето или во справувањето со последиците. На пример, за концентрациите да се одржат на ниво што би го ограничило порастот на глобалната температура за 2,8 -3,20 степени Целзиусови во 2030 година, потребно е да се вложува 0,2-2,5 отсто од глобалниот бруто-национален производ. Како резултат на климатските промени се претпоставува „поместување на Сахара кон Медитеранот“, па во таа смисла и Далмација би личела на пустина. Проектираните промени на температурата и врнежите во Македонија до 2100 година укажуваат дека просечната температура може да се зголеми до 3,80 Целзиусови степени, а врнежите може да опаднат за 13 отсто во споредба со периодот 1961-1990 година. Одделни региони би страдале повеќе, како југоисточниот и централниот дел, каде промените да бидат најдраматични. Ваквите климатски промени би се одразиле негативно врз сите сектори од економијата, земјоделството, шумарството, водните ресурси, биодиверзитетот и врз здравјето на луѓето.Проектираните промени на температурата и врнежите ќе предизвикаат драматични промени.
Република Македонија, како држава која го има ратификувано Протоколот од Кјото кон Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, ги препозна можностите за постигнување на целите на одржливиот развој со искористување на можностите за јаглеродното финансирање преку ползување на еден од механизмите на Протоколот, т.н механизам за чист развој. Согласно првични анализи, потенцијалот за редукција е пресметан на 4Mt CO2eq/год, што преведено во потенцијал за јаглеродно финансирање (со просечна цена од 6-9 евра/тон редуциран CO2eq изнесува меѓу 24 и 36 мил евра/год.Во насока на искористување на можностите на механизмот за чист развој, Владата на РМ во февруари 2007 усвои Национална стратегија за механизмот за чист развој за првиот период на обврски 2008-2012 според Протоколот од Кјото. Исто така, Владата ги направи сите неопходни предуслови за функционирање на овој механизам, а тоа е, го назначи Министерството за животна средина за орган на државната управа одговорен за координирање на активностите за спроведување на проекти од овој механизам (т.н DNA-designated national authority).Во измените на Законот за животна средина, се воведе член токму за овој механизам. Можностите за јаглеродното финансирање се акцентирани и во нацрт-Националната стратегија за инвестиции.Извештаи: на www.unfccc.org.mk.