Оваа електрана според првичните најави требаше да стартува со производство пред четири години. Доцнењето со производство ЕЛЕМ ќе го плати со “пенали“ од 10 милиони евра кон главниот изведувач на проектот, словенечки Рико. Се уште е енигма дали овие пенали беа пресудни за разрешувањето на екс директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски?!
Словенечкиот претседател, Борут Пахор, во рамките на официјалната посета на Република Македонија покрај средбите на политичко ниво, одблизу ја виде и хидроцентралата Света Петка, енергетски проект за кој главен подизведувач беше словенечки Рико. Во негово друштво беше и генералниот директор на Рико, Јанез Шкрабец. Генералниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, директорот за производство, Димитар Танурков и директорот на хидро-енерегетскиот систем Треска, Миле Славевски му ги претставија на претседателот Пахор потенцијалите на хидроелектраната Света Петка, проект на кој државната ЕЛЕМ и словенечки Рико работеа речиси шест години.
Инсталираната моќноста на двата генератори на ХЕЦ Св.Петка е 36,4 мегавати, коишто годишно треба да произведуваат околу 66 гигават-часови струја доволни за околу 10.000 домаќинства, односно околу 40.000 граѓани. Генераторите треба да преработуваат по 50 кубици вода во секунда. Испуштената вода од хидроцентралата Козјак треба да се преработи во Света Патка и да се добие струја. Ако одредено количество вода пак, се испушти од Света Петка, таа вода ќе ја преработи најниската акумулација Матка 1, електрана која ја оперира ЕВН Македонија. Со изградба на оваа електрана се заокружи проектот на три каскадни акумулации изградени на реката Треска.
“Карактеристичнио за хидроцентралата е што за најмногу 10-15 минути можат да стартуваат со производство на струја, што не е случај со термоелектраните. Струјата не може да се складира, таа мора да се транспортира и потроши во моментот на производството. За Света Петка да почне да произведува струја, прво мора водата да влезе во зафатните градби од браната, па преку цевковод и спирала удира на турбината и ја ротира. Енергијата од потенцијална преминува во кинетичка, и со самата ротација на роторот се индуцира електрична енергија. Конкретно кај Св. Петка, преку 214 вртежи во минута на роторот, статорот ја пренесува струјата. Преку трафостаница и 110 киловолтен далекувод струјата стигнува до населените места“, вели директорот на хидро-енергетскиот систем Треска, Миле Славевски.
Пеналите од 10 милиони евра за РИКО – пресудни за разрешувањето на Чингоски од ЕЛЕМ?!
Изградбата на оваа електрана почна уште во 2004 година, со поставување на преливниот тунел чијашто функција е да ја пренасочи реката во фазата на градба, со изградба на преливната шахта и темелниот испуст со затворачница. Во јули 2006 година, проектот почна да се спроведува на ниво на идеен проект, каде што за главен изведувач е избрана словенечката компанија Рико, којашто пак, за подизведувачи ги ангажираше македонските градежни компании Гранит (за изградба на браната) и Бетон (за изградба на машинската зграда). Инвестицијата првично беше процената на околу 50 милиони евра, но текот на реализацијата на проектот покажа дека овој проект чини 75 милиони евра.
Доцнењето со производство ЕЛЕМ ќе го плати со “пенали“ од 10 милиони евра кон главниот изведувач на проектот – словенечки Рико. Во декември 2011 година тројца арбитри од Комисијата за разрешување спорови (Dispute Adjudication Board–DAB) одлучија дека и Рико и ЕЛЕМ меѓусебе ќе си платат отштета поради доцнењето на изградбата и вклучувањето на ХЕЦ Света Петка во електро-енергетскиот систем на Македонија. Првичната инвестиција од 50 милиони евра потребна за изградба на електраната се искачи на дури 75 милиони евра, сума која што воопшто не е мала за еден ваков објект.
После една година откако информацијата дека ЕЛЕМ ќе плаќа пенали од 10 милиони евра за изградбата на Света Петка, директорот на ЕЛЕМ Влатко Чингоски беше разрешен од директорската позиција. За конкретната причина за неговото разрешување никој јавно не зборува. Неофицијално, во енергетските кругови се уште се шпекулира дека најверојатно „чашата ја прелиле“ токму пеналите кои државната ЕЛЕМ треба да му плаќа на Рико.
Извор: ФАКТОР