Поради потребата за ладење термоблокови на електроцентралата, големо количество топлинска енергија неповратно се испушта во атмосферата, односно се губи во празно. Со инсталирање ваков вид греење би се намалиле емисиите на јаглерод диоксид за 54.000 тони годишно
Греење за три општини, заштеда на енергија, пониски цени и намалување на емисиите на штетни гасови. Ова се само дел од придобивките наведени во студијата за користење на термалната енергија од РЕК „Битола“. Топлинската енергија што се ослободува при работата на електроцентралата за ладење на блоковите досега неповратно се губеше во атмосферата, односно одеше во празно. Предфизибилити-студијата е спонзорирана од Норвешката програма и е насловена „За чиста и поефективна индустрија во Македонија“.
Во неа се нагласува дека, покрај Битола, можности за греење има и за соседните општини Новаци и Могила. Овие населени места денес се греат на дрва, нафта или на струја. Со инсталирање ваков вид греење би се намалиле емисиите на јаглерод диоксид за 54.000 тони годишно, како и емисиите на другите штетни гасови, се вели во студијата. Топлата вода во двата системи е 130-155 степени, додека секундарната мрежа би имала температурен режим од 90 степени. Авторите (десетчлен тим од домашни и од странски експерти) сметаат дека проектот е изводлив и профитабилен со приход од 14 милиони евра по осум години. Вкупната инвестиција се проценува на 35-40 милиони евра. Според анализите, производствената цена на добиената топлинска енергија би била од 0,4 до 0,74 денари по киловат-час, која понатаму за корисниците во мрежата би изнесувала 1,97 денар за становите и 3,01 денари по киловат-час за стопанските субјекти. За искористување на топлинската енергија од РЕК „Битола“ голем интерес има и кај локалната самоуправа, централната власт, граѓаните, бизнис-секторот и „Електрани на Македонија“, кои стопанисуваат со комбинатот.
– АД ЕЛЕМ не само што сугерира туку веќе има изработено решение за приклучок и начин на користење на топлинската енергија. Проблемот е во тоа што ЕЛЕМ не е лиценцирана компанија за дистрибуција и снабдување на топлинска енергија, а моментално нема субјект што би ја развил мрежата низ Битола и кој би ја презел и понатаму би ја доставувал до граѓаните на Битола. Штета од технички аспект е поради потребата за ладење на нашите термоблокови оваа енергија да се испушта во атмосферата. Се надевам дека ќе се формира јавно претпријатие во Битола што би ја развивало мрежата и би стопанисувало со топлинската енергија- вели Димитар Танурков, директор за производство на електрична енергија во ЕЛЕМ. Надлежните служби од општината Битола нагласуваат дека активно се работи на реализација на целиот проект, за што имаат подготвено планови.
– Се надеваме дека до 2013 година ќе дојде до реализација на целиот проект откако претходно ќе се спроведат сите потребни анализи – вели Трајан Коцевски од локалната самоуправа во Битола. Комбинатот РЕК „Битола“ е најголем во системот на македонското електростопанство. Во вкупното производство на електрична енергија тој учествува со над 72 проценти.
Автор: Александар С. Димковски
Преземено од Нова Македонија
One Comment
Анонимен
Одличен натпис 🙂