И додека пасивните објекти во голем дел на Европа стануваат нешто сосема нормално, па и стандард во градењето, кај нас е сосема друга состојба. Кај нас во Македонија не постојат објекти кои што се изградени според концептот на пасивната градба, а да состојбата биде уште полоша, ние се уште немаме донесено правилник на републички ниво за изградба на енергетски ефикасни објекти. За тоа што е пасивна градба, пасивна куќа и кои се нивните предности во однос на конвенционалните објекти зборуваме со господин Андреј Андреев, сертифициран дизајнер за пасивни објекти.
Да ли можете да ни кажете кој е основниот концептот на пасивната куќа?
Колку и да изгледа неверојатно, концептот е многу едноставен. Колку што е можно помали загуби на енергија од објектот, а максимално искористување на т.н. бесплатни и обновливи извори на енергија (од сонцето, земјата, ветерот и од внатрешните извори како што се апаратите за домаќинство и жителите во објектот).
Основни елементи на пасивната куќа се: обвивката на објектот, слојот за воздухонепропустливост и еден едноставен но многу специфичен и ефикасен систем за вентилација и доставување на топлина.
Токму системот за вентилација е клучниот елемент кај пасивните куќи. Благодарение на тој систем на секои три часа се врши комплетна замена на воздухот од објектот, се доставува потребната топлина за одржување на температурата и се контролира влажноста. Секако ваквата функционалност е овозможена само доколку се запазат стандардите за изолираност и воздухонепропустливост.
Посебно внимание треба да се обрне на системот за топла санитарна вода, бидејќи при така мали потреби од енергија за греење и ладење, потребната енергија за топла вода станува сериозен фактор во вкупната потрошувачка. Затоа се употребуваат ефикасни комбинирани системи.
Македонија е позната по својата специфична клима (големи температурни разлика). Да ли овие специфичности претставуваат проблем за пасивната куќа?
Стандардот Пасивна Куќа бара објектот да е добро изолиран и херметички затворен, т.е. воздухонепропусен. Добро изолиран не значи само доволно „дебела изолација“, туку комплексно решавање на сите детали, сите ѕидови од обвивката на зградата и сите потенцијални слаби точки каде може да има загуби на топлинска енергија. За Пасивните Објекти се смета дека се објекти без загуби низ термички мостови и тоа во буквална смисла. Воздухонепропустливоста е веројатно најспецифичниот елемент кај Пасивните Куќи, а има за цел да спречи неконтролирана размена на воздухот меѓу внатрешниот и надворешниот простор. Кога се исполнети овие два услова, добра изолираност и висока воздухонепропусливост на обвивката, тогаш станува збор за објект кој и без никакви извори на дополнителна енергија може да ја задржи константната температура и повеќе од 200 часа. Тоа значи дека и да снема струја, или да прекине доводот на греење или ладење, објектот скоро 10 дена ќе ја одржува внатрешната температура и при најекстремни климатски услови.
Од тука произлегува и одговорот на прашањето. Климатските услови не предизвикуваат никакви проблеми врз концептот и функционирањето на Пасивните Куќи.
Основната карактеристика на пасивните куќи е ниската потрошувачка на енергија. Колку енергија е потребна за пасивна куќа?
Токму ова е еден од критериумите при сертифицирањето на објект како Пасивна Куќа и е строго определен. Потрошувачката на енергија е поделена на потребна енергија за загревање и ладење на објектот и т.н. потребна примарна енергија (вкупно потребната енергија со вклучена потрошувачка на сите апарати за домаќинство и системи). Мерењата и сертифицирањето ги прави PHI (Passive House Institute) од Германија или од него овластени институции. Потрошувачката на енергија за загревање и ладење кај еден пасивен објект не смее да надмине 15 kWh/m2 годишно, а вкупната потрошена енергија на објектот не треба да надмине 120 kWh/m2. Или повизуелно претставено, за стан од 50м2 годишната потрошувачка на енергија за греење и ладење нема да надмине 750 kWh, а вкупната потрошувачка на енергија ќе биде под 6000 kWh годишно.
Или уште попластично, а според сегашните цени на енергенсите во Македонија, трошокот за греење и ладење не треба да надмине 3,500 денари, а трошокот за вкупно потрошената енергија да е под 25,000 денари. Повторно на годишен ниво!
Сепак ова се максимално дозволените вредности, според стандардот. Во праксата, потрошувачката на енергија за греење и ладење кај Пасивните Куќи е уште помала и се движи околу 10 kWh/м2 годишно, а на вкупната примарна енергија најчесто не надминува 70 kWh/м2. Или за 50м2 за греење и ладење околу 2,000 денари, а вкупно енергија околу 14,500 денари. И пак ќе кажам, ова се вкупни трошоци за цела година.
И најважно од се е тоа дека ова не се само напразно декларирани бројки или маркетиншки трик, туку објектот мора да се сертифицира за да добие статус Пасивна Куќа. А за да се сертифицира, најпрво мора да е проектиран од Сертифициран Дизајнер за Пасивни Куќи. Потоа проектот се испраќа на ревизија во Германија во PHI, каде што добива одобрение дека е испроектиран според стандардите. При градењето, изградбата и надзорот на изградбата исто така се водат од Сертифицирани Дизајнери за Пасивни Куќи, а се употребуваат исклучиво материјали и опрема кои имаат сертификат за подобност за изградба на Пасивна Куќа. И на крај, комисија од PHI Германија, доаѓа на лице место, со специјални инструменти и ги врши сите потребни мерења и испитувања, врши контрола на целокупната документација од изградбата и како резултат на се ова издава сертификат дека објектот ги задоволил потребните стандарди за Пасивна Куќа. Е дури тогаш имате право да кажете дека вашиот објект е Пасивна Куќа. Ова наизглед е сложена процедура, но не е така. Сè оди брзо, лесно и едноставно, а во целост е елиминирана можноста за грешка или изигрување на правилата и стандардите.
Постои, да кажеме еден мит поврзан со пасивните куќи, а тој е дека цената на квадратот на овој објект е драстично поголем од квадратот на конвенционалните објект
Во економијата, цената на чинење на еден производ е малку посложена математика. Економијата ја мери цената како идна вредност, или поточно ги зема во предвид заштедите кои се резултат од направената инвестиција. Ваквиот пристап е посебно поддржан од банките, како потенцијални кредитори на ваквите градби. Од друга страна според пресметките, а и веќе 20 годишното искуство со Пасивните Куќи, утврдено е дека периодот за економска исплатливост на дополнителната инвестиција изнесува од 3 до 7 години. Така да после тоа секој ден таквиот објект носи добивка за сопственикот.
При ваквите калкулации, нималку не треба да се занемарат добивките за целото општество од намалувањето на емисиите на СО2 во воздухот, како резултат на намалената потреба од енергија.
Тука јас Вас би ве прашал, колку чини комфорот и највисокиот стандард на живеење на станарите на тој објект? Корисниците ќе живеат во простор кој е секогаш со константна температура, контролирана влажност, без промаја и прашина и квалитетно прочистен воздух. Тоа нема цена, нели?
Сепак, за да не остане ова прашање неодговорено, ќе кажам и прецизни бројки. Дополнителната инвестиција за еден објект да биде изграден по стандардот Пасивна Куќа, се движи од 120 ЕУР до 200 ЕУР за м2. Точната цена, како и при стандардното градење, зависи од многу фактори, а најмногу од барањата на инвеститорот.
Другиот мит, кој што се поврзува со пасивните куќи е тој, дека за да изградиме еден ваков објект треба да користиме специфични градежни материјали
Поголемиот дел од материјалите се стандардни за градежништвото, но се посветува големо внимание на правилното вградување. Всушност, тајната е во деталите. Сепак има и неколку сосема специфични и специјализирани материјали, а посебно интересни се прозорците, вратите, системот за вентилација и воздухонепропустливиот слој. Секако и осветлувањето и сите уреди кои ќе се користат треба да се енергетски ефикасни.
Рокот за градба е нешто сосема малку подолг од вообичаениот, токму заради потребата од посебно внимание при вградувањето и изведбата.
Дали пасивната куќа има некои посебни барања кога е во прашање локацијата каде што можат да се градат?
Не. Локацијата и некои други предуслови имаат влијание врз цената на чинење на објектот. Или поточно колку повеќе предуслови се исполнети, толку ќе биде поевтино постигнувањето на пропишаните стандарди. И обратно.
Да ли овие куќи се градат кај нас и каков е интересот за ваков вид на објекти?
Сум слушнал дека има изградено еден или два вакви објекти во Македонија, но не можам ниту да потврдам, ниту да демантирам. Само ќе повторам дека за еден објект да може да се декларира како Пасивна Куќа, мора да има сертификат издаден од овластена институција. А во регистарот на Пасивни Куќи не постои ниту еден објект од Македонија. Според тоа, доколку навистина има изградено објекти кои го задоволуваат овој стандард, јас би им препорачал на сопствениците да се обратат до Институтот во Германија и да побараат сертифицирање.
Премногу е нова оваа идеја кај нас, за да има голем интерес. Сепак, полека но сигурно, интересот се буди. Јас лично сум убеден дека за објектите за живеење не е водечки мотив профитот или заштедата, туку високите комфорни услови и квалитетот на живот што го нудат ваквите објекти. Додека кај деловните објекти, кај хотелите и објектите кои се градат за да бидат издавани под наем, верувам дека економијата ќе биде добар мотив. Во секој случај, касниме веќе 20 години зад напредниот свет, па време е да ги покажеме првите резултата и на оваа тема.
Дали некој објект кој што е изграден на конвенционален начин на градење, може да се трансформира во пасивна куќа и ако може кои зафати се потребни за оваа „операција“?
Скоро секој постоечки објект може да се адапртира во енергетски ефикасен со стандард на Пасивна Куќа, но од неколку предуслови зависи цената на чинење на тој зафат. Така да една едноставна економска анализа може да даде одговор дали е тоа исплатливо или не, или пак едноставно желбата на инвеститорот тоа да го одреди.
Инаку градежните зафати за адаптација во Пасивна Куќа би биле многу слични, како при стандардна адаптација. Тоа подразбира промена на прозорци и влезна врата, термоизолирана фасада, а понекогаш и помали конструктивни зафати. Сите материјали треба да се со квалитет и технички карактеристики кои ќе ги задоволат стандардите за Пасивна Куќа, а начинот на изведба според инструкциите и прописите за ваков тип на објекти. Многу невообичаени и интересни се зафатите околу обезбедување на бараната воздухонепропусност на објектот, како и поставувањето на системот за вентилација и загревање на санитарна топла вода.
Да ли пасивната куќа може да ги искористи обновливите извори на енергија и да на таков начин стане енергетски независен објект?
Па тоа е и основната цел на овој систем. Пасивниот објект и без соларните панели во голема мерка ја користи сончевата енергија за загревање во зимскиот период, преку посебно изработените прозорци наменети токму за пасивни објекти. А со посебни мерки, заштитен е од прегревање од летното сонце. Околу 30% од потребната енергија за загревање на објектот преку зимата се добива од сонцето, преку прозорците. Втората третина од потребната енергија за загревање е од температурата која се ослободува од уредите за домаќинство и жителите во објектот, а третата третина се оние дополнително потребни 15 kWh/m2 годишно. Тоа е толку мала потребна енергија, што доколку се направи добра комбинација помеѓу соларни панели за топла санитарна вода, фотоволтаични панели за производство на струја, мини ветерници и систем за искористување на енергијата од земјата, без никакви дилеми објектот може да биде, целосно независен од системот за снабдување со електрична енергија. Па дури да произведува и вишоци, кои може да се продаваат на пазарот. Факт е дека ова е уште една дополнителна инвестиција, но истата многу брзо се исплатува.
А што се однесува до централното греење, или какво и да е друго греење, Пасивните Куќи немаат потреба од загревање или ладење со до сега познатите конвенционални системи. Тоа значи дека нема радијатори, печки, греалки, климатизери или сл.
Пак колку за илустрација, една соба од 24м2, при надворешна температура од -15 С, ќе се загрева доколку запалите четири сијалици од по 60 вати.
Дали концептот на пасивната градба може да се примени и на објекти како што се производни погони, школи, спортски објекти…итн?
Секако. Нема никакви ограничувања во овој смисол. Сепак за ваквите објекти е пресудна економската пресметка. Доколку имате фабрика која заради технолошкиот процес троши огромно количество на енергија, беспредметно е да штедите од енергијата за греење и ладење, која е минорна во однос на примарната.
Убаво е тука да се каже дека посебно добри ефекти и големи заштеди со овој стандард се постигнуваат кај деловни згради и колективни станбени згради, а посебно кај хотели и јавни објекти како што се училишта, градинки, театри, кино сали и сл.
Она што сите можеби сите ги интересира е дали можете да ни дадете споредба помеѓу пасивната куќа/објект и куќа/објект изграден на конвенционален начин на градење?
Можам, само ќе звучи малку неверојатно. Сите споредби се за зимски период, при надворешна температура од -15С, а внатрешна од 20 С.
Еве на пример, старите станбени објекти во Македонија имаат потрошувачка на енергија за греење дури и поголема од 300 kWh/m2 годишно, а размена на воздухот при ветар со брзина од 40км/час е поголема од 500% од вкупната кубатура во објектот, за еден час. Температурата на внатрешната површина на фасадните ѕидови и прозорците може да падне дури и до 5Со. Тоа значи големи трошоци за греење, влага и мувла по ѕидовите и прозорците и голема промаја, заради што сепак не е топло и пријатно во таквите објекти. Кај голем број деловни и јавни објекти состојбите се уште полоши од овој пример.
Кај поновите објекти, состојбата е далеку подобра, па потребната енергија за греење е околу 100 kWh/m2 годишно, а размената на воздухот внатре-надвор при брзина на ветар од 40км/час е поголема од 300% од вкупната кубатура во објектот, за еден час. Обично температурата на внатрешната површина на ѕидовите се движи околу 14Со, а на прозорците околу 12Со.
Доколку овие објекти би се адаптирале и би бил постигнат стандардот Пасивна Куќа, потрошувачката на енергија за греење и ладење не би надминала 15 kWh/m2 годишно, а во најчест случај би била околу 10 kWh/m2 годишно. Размената на воздухот внатре-надвор при ветар со брзина од 40км/час ќе биде помала од 60% од вкупната кубатура на воздух во објектот, за еден час, а најчесто нема да надмине 30%. Температурата на внатрешната површина на ѕидовите и на прозорците ќе биде над 18Со.
Очигледно е дека заштедите во енергија достигаат и преку 20 пати, а промајата е елиминирана во целост. Тоа значи дека и емисијата на СО2 во воздухот е и до 20 пати помала.
Токму заради ова често ја употребувам фразата:
ПАСИВНА КУЌА – СПАС ЗА ПЛАНЕТАТА, ВИСОК КОНФОР ЗА КОРИСНИЦИТЕ
4 Comments
Игор
Зошто е потребно да го добијам тој сертификат од Германија? Што добивам со него? Зошто не би можело едноставно да се направи таква куќа и тоа е тоа. Сигурно нема да одам по натпревари со сертификатот, за да освојувам награди.
Andrej Andreev
Многу убаво прашање Игор, благодарам.
Ништо не е потребно и неопходно. Меѓутоа сертификатот е гаранција дека проектантите и изведувачите, коректно си ја завршиле работата. Тоа е нешто како технички прием на објектот. Гарантира дека потрошувачката ќе биде под лимитите, дека опремата и материјалите кои се вградени се со потребниот квалитет и гарантира дека ќе живеете во највисоките можни комфорни услови. И на крај дека сериозно ќе допринесувате за намалување на јаглерод двооксид во атмосферата.
Дополнително на тоа, сертификатот ја подигнува вредноста на недвижноста.
Goga
Mislam deka cenata po m2 ne e poskapa 150-200 evra za razlika od konvencionalna gradba, tuku 400-500 evra. Vo Strumica se pravi pasivna kuka i spored procenkite m2 bi kostal okolu 700-800 evra, dodeka za konvencionalna gradba ti e potrebno okolu 300 evra po m2(kluc na raka).
Andrej Andreev
Почитувана Гога
Навистина се радувам што сте се обиделе да навлезете во оваа проблематика. Цената на чинење на еден пасивен објект зависи од многу фактори, како и секоја градба. Има некои предуслови, како што е ориентираноста на објектот, микро и макро локацијата итн., кои сериозно влијаат на цената на чинење кога зборуваме за пасивна куќа. Исто така, желбите на инвеститорот и самата архитектура многу влијаат на крајната цена.
Доколку се приклучите на страната на iPHA, можете да ги погледнете сите до сега изградени пасивни објекти и вредностите кои се проектирани, а подоцна и измерени. Таму се поставени и цените на чинење. Ќе забележите дека чинењето на еден објект е од 1.000 до 2.000 ЕУР по м2. Но да не заборавиме дека таму и „обичната градба“ чини од 800 па и до 2000 ЕУР по м2, а тоа е така заради повисокиот стандард и квалитет на материјали кои се употребуваат во завршните работи, како и заради неколку пати поскапата работна рака.
Јас уште еднаш потврдувам дека, доколку се запазени минимум потребните услови, дополнителниот трошок за еден објект да се изгради како пасивен е од 150 до 200 ЕУР по м2.
А што се однесува до пасивните објекти во Струмица, запознаен сум со истите во голема мерка. Едниот е веќе изграден и неколку години во функција, а вториот е во тек на градба. Меѓутоа со големо жалење морам да констатирам дека изградениот објект воопшто не е во регистарот за пасивни куќи во iPHA, а и реалните параметри во експлоатацијата не се баш во рамките на дефинираните за пасивни објекти. А за вториот кој е во тек на градба, искрено се надевам дека ќе биде првиот пасивен објект во РМ.