Концептот за пасивни куќи денес претставува највисок енергетски стандард во градежништвото, намалувајќи ја потрошувачката на енергија за греење до неверојатни 90%. Широка примена на овој стандар при изградба на индивидуални или колективни домови, како и институционални згради би имал драматично влијание на заштедата на енергија. Податоците од американската Агенција за енергетски информации покажуваат дека во развиениот свет (Европа и Северна Америка) зградите се „виновни“ за околу 48% од испуштените стакленички гасови годишно и околу 76% од произведената енергија од централите оди за снабдување на зградите (домови, институции, производствени капацитети…). Веќе подолго време јасно знаеме дека градежниот сектор (зградите) се еден од главните загадувачи и предизвикувачи на климатски промени, па се поставува прашањето: Како најдобро да ги ускладиме енергетските потреби на нашата градба со оние на природата и со нашиот џеб? Во областа на енергетската ефикасност, пасивните куќи претставуваат одлична опција за нова и технолошки напредна градба, како во резиденцијални, така и во комерцијални и институционални проекти.
Пасивна куќа е многу добро изолирана, скоро херметички затворена градба која главно се загрева со пасивно соларно греење и со внатрешно затоплување од луѓето, електричната опрема и сл., при што енергетските загуби се минимизирани. Секое дополнително загревање (ако има потреба) се обезбедува од многу мали извори. Со правилно засенчување (настрешници, дрва) и ориентација на прозорците, се минимизира и потребата од разладни уреди. Со вградување на вентилатор со повраток на енергија (ERV) се обезбедува постојан и урамнотежен доток на свеж воздух. Како резултат се добива систем што не само ги намалува трошоците за греење и до 90%, туку и обезбедува високо клвалитетна атмосфера во внатрешноста.
Пасивната куќа е сеопфатен систем. Зборот „пасивна“ одлично го опишува капацитетот на овој систем за примање и задржување на енергијата. Бидејќи работи со природни ресурси, бесплатната сончева енергија се апсорбира и распределува ефикасно, без да се потпира на „активни“ системи кои би овозможиле зградата да дојде до нулта потрошувачка (Zero energy building). Главна одлика на пасивните куќи се тројно глазирани стакла на прозорците, суперизолација, (речиси) херметичка конструкција на зградата, природни материјали за градба, минимална проводливост на топлина низ конструкцијата и вентилатор со повраток на енергија.
Во последните 10-тина години во Европа се изградени повеќе од 15 000 градби по стандардот за пасивна куќа, од индивидуални до колективни домови, фабрики, училишта и канцелариски згради. Голем дел од овие згради се постојано под надзор на телата на ЕУ (Европската комисија), со цел анализа и потврда на нивните перформанси. Европската комисија веќе го изгласа овој стандард како дел од стратегијата за енергетска ефикасност.
Технички карактеристики
- Херметичка конструкција: < 0.6 ACH (промена на воздух на час) при 50 паскали притисок
- Годишна потреба за топлина: < 15 kWh/m2/y (киловатчасови на метар квадратен годишно)
- Примарна енергија: < 120 kWh/m2/y
Дополнително, се препорачуваат и следните мерки:
- U-вредност за прозорците: < 0.8 W/m2/K
- Вентилациски систем со повраток на енергија поголем од 75% ефикасност и ниска потрошувачка на струја
- Пренос на топлина преку конструкцијата: < 0.01 W/mK (топлинска проводност, ват на метар келвин)