Кога градиме деловен или станбен објект, прво што сакаме да обезбедиме е пријатен и квалитетен амбиент за работење/живеење . За да го обезбедиме овој пријатен амбиент, треба да обезбедиме и квалитетен систем за греење и ладење. Пред да одлучиме кој систем за оваа намена ќе искористиме, прво мораме да одлучиме каков степен на енергетска ефикасност сакаме да постигнеме. Но, за жал, за ова малце мислиме кога ќе градиме нов објект. Што од незнаење, што од недостиг на парични средства.
Вложувањата во енергетски ефикасни системи за греење се исплаќаат за неколку години и е идеално во време кога проектираме некој објект да испланираме каков систем за греење/ладење ќе инсталираме. Треба да имаме предвид дека секое зголемување на температурата во објектот за 1°C бара зголемена потрошувачка на енергија за 6%. Еден од ефикасните системи за греење е подно греење. Примена на подно ниско температурно греење овозможува пријатно чувство кое е за 2-3 степени пониска за разлика од класичните системи за централно греење. Ова значи заштеда во енергија, поточно во гориво, за 12-16%.
Постои голем број на предрасуди за подните системи за греење. Една од таквите предрасуди е дека подните системи за греење предизвикуваат, поточно имаат неповолно влијание на вените во нозете. Ова не е точно, бидејќи подните системи за греење работат во температурните режими од 23-25 °C, а што е помалку од температурата на самиот под во летните месеци.
Во последно време, во подните системи се поставува вода со максимална температура од 40°C, со помош на топлотни пумпи. Со оваа комбинација на подно греење, водата во самиот систем има температура до 31 °C, а самата температура во просторијата се движи од 21-23 °C. Во индустриските објекти каде висината на просторијата е и преку 6 метри, подните системи за греење ја постигнуваат температура од 18°C.
Кога го инсталираме подниот систем за греење, посебно внимание треба да обратиме на термичката изолација која се инсталира под цевките во подниот развод. Она што треба да пресметаме е дебелината на стиропорот во подот на просторијата во приземјето и на подот на оние простории под кои нема греење.
Најдобрите резултати на подното греење се постигнуваат со керамички, мермерни или со бетонски подови. Ламинатите или паркетите се неповолни, но можат да се применат. Кај паркетите е битно нивната влажност да биде под 10%. Во таа насока бамбусовиот паркет ќе ги задоволи овие барања.