Отстранувањето на јаглерод диоксидот од атмосферата откако ќе биде испуштен од термоелектрична централа која работи на фосилно гориво е 10 пати поскапо отколку што би чинело да се опреми една централа со филтри кои би го отстранувале јаглерод диоксидот од исздувниот систем на централата.
Студија спроведена од страна на Институтот за технологија во Масачусец (MIT)покажа дека директното „фаќање“ на CO2 од атмосферата со помош на хемикалии чини околу 1000 долари за еден тон заробен CO2, за разлика од цената 50 до 100 долари колку што би чинело доколку CO2 се заробува со филтер (кој исто користи хемикалии) директно на изворот – издувниот систем на термоцентралата.
Разликата во цената се должи на својството на гасот да се рашири (дифузира) кога еднаш ќе биде испуштен во атмосферата, иако и во двата случаи јаглерод диоксидот мора да помине низ хемиски сорбенти (материи што впиваат флуиди).
Бидејќи јаглерод диоксидот во атмосферата е распространет врз огромен простор, неговата концентрација е мала со што системот за негова апсорпција е неефикасен. Од друга страна, низ филтерот постојано поминуваат издувни гасови со висока концентрација на CO2 кој може лесно и ефикасно да биде отстранет.
Заклучоците од студијата на MIT ги потврди сознанијата од друго истражување од почетокот на годинава, спроведено од Американското здружени на физичари според кое цената на заробување на CO2 од атмосферата чиниоколу 600 долари за тон, додека со филтрирање цената е 80 долари за тон. Според таа студија, се проценува дека опремата за директно заробување на CO2 од воздухот со еквивалентен капацитет како филтер за 1000 MW термоцентрала, би била голема околу 30 километри.