Европската комисија предложи нови цели за исполнување, со цел уште поголемо намалување на емисиите на штетни гасови од автомобилите и лесните комерцијални возила, односно комби возилата.
Според новите предвидени цели, просечната емисија на јаглерод диоксид од новите автомобили, од 135.7 грама на километар во 2011 година, треба да се намали на само 95 g/kmво 2020г., додека во 2015г. тие треба да изнесуваат најмногу до 130 g/km.
Од друга страна, кај комби возилата од пропишаните 181.4 грама емисија на CO2 за еден изминат километар во 2010г., треба да се намалат до 147 g/km во 2020г., односно 175 g/km емисии до 2017г.
-Нашиот нов предлог не значи само заштита на околината и заштеда на пари за потрошувачите. Ние исто така очекуваме ова да ја поттикне иновативноста и натпреварувачкиот дух во автомобилската индустрија. Од овие мерки ќе имаат корист сите и ова е само уште еден чекор поблиску кон остварувањето на одржлива и незагадувачка економија – вели Кони Хедегард, еврокомесар за климатска акција.
Според податоците на Ецропската комисија, на автомобилите отпаѓаат скоро 12% од вкупните емисии на јаглерод диоксидот во државите членки на Унијата.
Со исполнување на предвидените цели, се очекува земјите од ЕУ да заштедат повеќе од 30 милијарди евра годишно на трошоци за гориво и да го зголемат бруто домашниот производ за 12 милијарди евра на годишно ниво.
Исто така, се очекува и потрошувачите да заштедат некаде меѓу 2900 и 3900 евра за време на работниот век на автомобилот, и до 340 евра заштеда на трошоци за гориво уште во првата година на имплементирање на мерките. Сепак, треба да се нагласи дека овие пресметки се направени според сегашната цена на нафтата на светските берзи.
Од друга страна, сопствениците на комерцијални патнички возила можат да се порадуваат на уште поголема заштеда од 3300 до 4500 евра на долг рок, односно околу 400 евра во првата година на имплементација на мерките.