Биомасата, која е обновлив извор на енергија, е погодна за производство на електрична енергија и топлина, за која во последните неколку години во Македонија постојат политики за нејзина промоција и поддршка. Всушност, како што напредуваат реформите во областа на енергетика поттикнати од ЕУ, Македонија планира да го зголеми учеството на обновливи извори да достигне 21% од финалната потрошувачка на енергија до 2020 согласно Стратегијата за обновливи извори од 2010, во која биомасата игра важна улога со околу 40% од споменатото планирано учество на обновливи извори.
Моменталното искористување на биомасата исто така е големо и изнесува 9,5% од потрошената финална енергија и 59% од обновливите извори (податоци за 2005), но уште поважна е примената на биомасата за греење бидејќи статистичките податоци укажуваат дека биомасата е извор на греење на 430 000 домаќинства (76%); но нејзиниот неискористен потенцијал особено за производство на топлина исто така се проценува дека е голем. И од аспект на политики – постигнување на одредено учество на обновливи извори и од еколошка и економска гледна точка – зголемување на искористувањето на чистата енергија и фактот дека биомасата има голем потенцијал како извор за греење, политиките за поттикување на биомасата треба внимателно да се анализираат особено бидејќи постојните политики немаат дадено значителни резултати.
Во согласност со споменатата државна Стратегија за обновливи извори, во 2007 беа воведени повластени тарифи, субвенции за производство на електрична енергија од обновливи извори, за поддршка на зголемувањето на учеството на обновливите извори со цел придонес кон постигнување на планираниот удел на обновлива енергија. Поконкретно, извори на енергија за кои може да се добие повластена тарифа се меѓудругото биогас произведен од биомаса за кој има повластена тарифа од 2007 и биомаса за која има повластена тарифа од 2010.
Во меѓувреме политиката за повластените тарифи се промени неколку пати и промените кои ја засегаат биомасата прво се случија во 2010 кога повластената тарифа за биогас произведен од биомаса се зголеми, но периодот за користење на повластената тарифа се намали. Последните промени се случија во 2013 кога двете повластени тарифи за биомаса и за биогас се зголемија. Овие обиди за зголемување на повластените тарифи кои ја засегаат биомасата е секако резултат на непокажаниот интерес за производство на електрична енергија од биомаса. Оваа изјава се потврдува со листата на повластени производители на електрична енергија (производители на електрична енергија од обновливи извори кои користат повластена тарифа) како и регистарот на постројки за производство на електрична енергија од обновливи извори (последново последен пат променето во јули 2013) на интернет страната на Агенцијата за енергетика.
Двете листи немаат ниту произведувачи на биомаса ниту на биогас, т.е. немаат ни биогас ни биомаса постројки, но од друга страна видлив е големиот интерес за фотоволтаици и мали хидроелектрани. Експертите велат дека недостатокот на соодветно познавање на технологијата за биомаса или фактот дека оваа технологија треба да се увезува се можни бариери за користењето на биомасата како извор за производство на електрична енергија, покрај фактот дека повластените тарифи се зголемуваат за овој вид обновлив извор.
Од друга страна, нема поддршка насочена кон производство на топлина од биомаса, иако примената на биомасата во овој поглед е почеста и има поголем потенцијал. Важно е да се нагласи дека начелно поддршката за обновливи извори во Македонија претежно е насочена кон производство на електрична енергија; не му се дава значење на производство на топлина со неколку исклучоци, иако е општо познато дека македонскиот пазар на топлина е обично проблематичната област.
Пазарот на топлина всушност се одликува со трошење на енергија, неефикасни услуги за топлина додека најголем дел од потрошувачите се енергетски сиромашни. Сепак, има потенцијал во земјоделскиот сектор за искористување на биомасата за греење преку искористување на остатоците од земјоделството, иако до сега нема поддршка за ова. Важно е да се нагласи во овој контекст дека не за сите видови на биомаса се дава повластена тарифа – исклучено е огревното дрво (други видови на биомаса се остатоци од земјоделство, од индустријата итн.) и всушност овој вид на биомаса најчесто се користи за греење (80% од биомасата која се користи во Македонија е огревно дрво).
Користењето на огревно дрво исто така е поврзано со познатиот проблем на дефорестација и неговата примена за греење обично се изведува на неефикасен начин (доколку се користат стари печки за греење, помалку е калорично од пелетите – биомасата од остатоци од дрвната индистрија, често се собира како резултат на илегална сеча итн.).
Изнесените факти сугерираат предлог политики во две насоки: еден предлог е политиките за поддршка на биомасата да се насочат и кон производство на топлина, не само кон производство на електрична енергија особено за друг тип на биомаса освен огревно дрво таргетирајќи го најверојатно земјоделскиот сектор. Постојат очигледно големи неискористени количини на остатоци од земјоделство и индустрија како што е наведено во гореспоменатата Стратегија, кои можат да се искористат и за греење. Ова може да се реши со локални фондови за технологии и стручно знаење за искористување на топлина од биомаса од земјоделски остатоци, што е исто така важно за развој на локалните рурални заедници.
Втората предлог политика е потребата за намалување на користењето на огревното дрво и обид за фокус на зголемување на другите видови на биомаса, пред се таргетирање на потенцијалните заинтересирани сектори како земјоделство, дрвната индустрија, секторот за комунален отпад со мали локални фондови, промотивни материјали итн. Ова може да биде основа за отварање на нови локални работни места и зголемување на вработеноста на локално ниво и во исто време би било придонес кон севкупниот локален економски развој. На овој начин, искористувањето на „вистинската“ биомаса ќе се зголеми и промовира, ќе се појават решенија за локалниот пазар на топлина и обично биомасата која не се искористува, ќе се искористи за енергетски цели, придонесувајќи кон постигнување на планираното учество на обновлива енергија во државата.