Имате зелена идеја? Ви треба финансирање за истата? Сакате да заработите половина милион евра? ….. За сите оние кои потврдно одговорија на прашањата натпреварот за зелена бизнис идеја “Postcode Lottery Green Challenge” e идеална прилика за да се промовира и развие една бизнис идеја. Пријавувањето е онлајн и може секој со иновативна идеја да се приклучи. Еден кандидат може да пријави неколку идеи само што за сите треба да се отворат повеќе налози. Покрај иновативна идеја потребно е познавање на Англискиот јазик со оглед дека тоа е официјалниот јазик за овој натпревар. Главната награда е 500, 000 евра. Крајниот рок за пријавување е 31 јули 2012. Пријавувањето се врши на официјалната страна за овај натпревар додека повеќе информации можат да се најдат на нивната Фејсбук страна.
После пријавувањето на идејата специјално жири ќе ги избери најдобрите и истите ќе бидат поканети на финалето кое ќе се одржи во септември во Амстердам. Сите трошоци за патувањето во Амстердам ќе бидат комплетно покриени. Во Амстердам на финалистите ќе им се понуди професионална помош при подготовките на нивните презентации се со цел да се зголемат нивните шанси за освојување на главната награда. Исто така ќе имаат можност за да присуствуваат на голем број на интересни работилници каде се нуди можност за нетворкинг и соработка со други претприемачи и инвеститори. Доколку имате проект кој е работен во тим а ве изберат за финале тогаш за само еден член од тимот ќе бидат покриени трошоците и само тој ќе може да ја врши презентацијата пред жирито. На следниот линк ги има победниците од претходните години и нивните идеи.
Впечаток е дека ова не е типичен натпревар на кој се пријавуваат само иноватори и претприемачи позади кои стојат силни инвеститори и корпорации. Со оглед на тоа кој се биле финалисти и победници се добива впечаток дека секој со силна идеја може да се надева на првата награда или во најмала рака на финале во Амстердам. За сите оние кои од Македонија ќе се осмелат да се пријават тимот на енергетска ефикасност им посакува среќа.