Полска оваа година ќе вложи во проекти на ветро-електрани во земјата најмалку 750 милиони евра. Според проценките на Полското здружение на енергијата на ветерот, до крајот на годината во Полска ќе бидат пуштени во погон ветро-електрани со вкупна моќност од 500 мегавати.
Само германскиот концерн РВЕ инвестира во користење на енергијата на ветерот во Полска 500 милиони евра, а следната недела ќе ја отвори својата трета „фарма“ ветерници во Тихово. Минатата година Полска доби нови капацитети со сила од 460 мегавати, што значи пораст од 46 отсто.
Полскиот Национален план за користење на обновливите извори на енергија предвидува до 2020. година во Полска вкупната сила на електраните што ја користат „зелената енергија“ да достигне 6.500 мегавати.
На странските компании овие инвестиции во Полска им се исплатливи бидејќи зелените електрани се градат благодарејќи на средствата од европските фондови, а на „зелената енергија“ заработуваат двапати повеќе отколку на онаа од јаглен од кого сe уште зависи полската економија.