Скоро цело лето Македонија не престанува да гори. Нови пожари се јавуваат скоро секој ден, а македонските пожарникари мака мачат да престигнат. Гори битолско, прилепско, струмичко, делчевско, велешко, кичевско, охридско…
Во гаснењето на пожарите освен локалните територијални противпожарни единици, се вклучуваат и хеликоптери од АРМ, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, локални комунални и други претпријатија, како и голем број на граѓани. Она што најмногу загрижува во овие случаи е едногласноста дека скоро сите овие пожари се предизвикани од човекот – што од невнимание (фрлено догорче), што од негрижа (палење на стрништа), што од нечии болни намери за лична корист. На неколку наврати и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу го потврди истото, како и припадниците на противпожарните единици.
Голем дел од населението не ги сфаќа целосно последиците и негативното влијание што шумските пожари може да го имаат врз нивните животи. За жал, голем дел и не ги ни интересира за последиците. Но тоа е прашање што го оставаме на надлежните институции да го решат.
Иако понекогаш некој помал шумски пожар може поволно да влијае врз екосистемот во шумата, за обнова на флората, кога тоа се случува постојано и на еден ист регион, последиците се неизбежно негативни, и тоа како од еколошки, така и од социо-економски аспект.
Последици врз околината
-Кога се уништува шумата се намалува производството на кислород и апсорпцијата на јаглерод диоксид од дрвата. Дополнително, за време на пожарот се ослободуваат огромни количини на CO2. Зголемување на CO2 значи зголемување на глобалното затоплување;
-Почвата и лисјата во шумите апсорбираат до 50% од дождовите. После пожар, водата нема како да биде задржана па настануваат поплави;
-Почвата не е повеќе заштитена од дождот, па се појавува ерозија;
-Подземните води и изворите не се обновуваат повеќе со свежа вода па се намалува нивниот капацитет, како и квалитетот на водата за пиење;
-Кога една шума постојано претрпува пожари таа станува неплодна и каменеста;
-Се намалува животниот простор на дивите животни, со што се намалува и нивниот број;
-Во просек обновата на изгорениот шумски појас трае и до 50 години;
-Водите во околината се загадени од огромните количини на пепел што се разнесува после пожарот, што директно влијае на рибите и растенијата;
-Се зголемува интензитетот на ветровите, се менува микроклимата. На пример, после големите пожари што во 2007 г. ја зафатија околината на Битола во кои изгореа околу 6000 хектари борова шума, летата во Битола станаа значително потопли. После неодамнешното опожарување на дел од националниот парк Пелистер, се очекува тоа да биде уште позабележително;
-Се уништуваат шумски производи, како дрво за граѓа, шумски плодови и природни лекови;
-Се отвора простор за населување на штетници нетипични за дадениот регион, кои дополнително може да ја уништат шумата.
Социо-економски последици
-За време на пожар се уништуваат плодна земја, посеви и фарми;
-Се уништуваат инфраструктурни објекти како телекомуникациски мрежи, пруги, градби, далноводи…
-Заради ерозивноста на земјиштето после пожар, настануваат поплави кои прават огромни штети по полињата и населените места;
-Последиците во земјоделството предизвикуваат невработеност, тоа доведува до миграција на населението во урбаните средини, оставајќи ги опожарените подрачја пусти;
-Шумските пожари го намалуваат обемот на туризам во околината;
-Има тешки последици по здравјето на луѓето, не само за време на пожарот, туку и после, заради огромните количини на ослободен CO2;
-Пожарот може да има и психолошки последици врз погоденото население заради загуба на имот;
-Намалување на дрвни материјали за индустријата, сè додека не се обнови шумата;
-Економијата е оптоварена со огромните трошоци за гаснење на пожарите и обновување на шумата.
2 Comments
Dejan
Во западните земји свеста за зачувување на природните богатства како шумите се одржува со големи казни за пироманите. Можеби кај нас треба да се ревидираат казните за да сите подметнувачи на пожари се спречат во намерите.
master
Кај нас не е проблемот во висината на казните туку во нивното извршување. За колку од овие пожари има некаква судска развршница? Дали воопшто и некој бил осомничен? Скоро за ни еден случај