Бројните меѓународни прописи од областа на енергетското право ги дефинираат енергетските активности, начините за ублажување на негативните прекугранични ефекти од производството и искористувањето на енергија, но и предностите од разновидни извори на енергија во енергетскиот сектор.
“Во досегашниот степен на развој на енергетското право како нова академска дисциплина, од правен аспект не постојат меѓународни правни инструменти кои се паралелни на директивите на ЕУ за обновливите извори на енергија.”* Сепак, целта на прописите на ниво на ЕУ и нивната суштина е изведена од САД, конкретно од големата криза за енергија во 1938 година и начинот на регулација за надминување на истата.
Во меѓународни рамки, фокусот на енергетиката е насочен кон обновливите извори на енергија. Оправдувањето за конкретната ситуација на меѓународно ниво е засновано како на здравствени и еколошки аргументи, така и на финансиски.
Доколку една држава има неодржлива правна рамка, којашто не е поврзана со актуелните економски прашања или со прашањата поврзани со заштита на потрошувачите и поттикнување на конкуренцијата, веројатноста дека ќе биде оценета како нестабилна дестинација за инвестиција, или воопшто како пример за економски развој, е многу голема.
Во европски контекст, оправдувањето за искористување на различни видови на енергија е подигнато до степен на основни цели на Договорот за енергетска повелба, а имено:
– Заштита и поттикнување на странски инвестиции во енергетиката – при тоа посебно се нагласува дека инвестирањето во секторот на енергијата ќе има позитивни импликации врз вработеноста и динамизирањето на растот на секоја земја посебно и на регионот во целина**;
– Слободна трговија со енергија и материјали и производи поврзани со енергетиката врз основа на правилата на Светската трговска организација;
– Слободен транзит на енергија со цевководи за нафта, нафтени продукти, природен гас и со електрична мрежа;
– Осигурување на здрава конкуренција на единствениот регулиран пазар и искористување на економии од обем;
– Намалување на негативните влијанија од енергетиката врз животната средина и примена на европските еколошки стандарди – за постојните (старите) енергетски капацитети, тие можат да бидат поблаги од европските, а за новите енергетски капацитети таквиот исклучок не постои;
– Зголемување на енергетската ефикасност;
– Создавање механизми за решавање на споровите помеѓу државите или помеѓу државите и инвеститорите.
Доколку се обидеме да создадеме енергетски сектор според овие цели, а во македонски услови, ќе наидеме на многу тешкотии. Всушност, гледано низ призмата на македонското позитивно право, не може да се донесе заклучокот дека Македонија de facto или de jure ги поддржува овие цели, во контекст на нивното значење.
Во Република Македонија употребата на различни видови на енергија е описно наведена во сите правни акти кои се однесуваат на енергетиката. Освен наративно, не се предвидени конкретни мерки или активности кои ќе дадат правен основ за нивно искористување. Прописите кои се однесуваат на ова конкретно прашање треба да понудат правна сигурност во стимулативни мерки за зголемување на енергетската ефикасност, со анализа на можни ефекти од нивната примена. За таа цел, законодавецот основата за донесување на тие правила треба да ја најде во технолошки анализи за енергетски потенцијал, применувајќи прагматичен пристап при дефинирање на конкретните законски прописи.
* – Guayo, Inigo; Redgwell, Catherine; M. Roggenkamp, Martha; Ronne, Anita Енергетско право во Европа, Национална, ЕУ и меѓународна регулација, август 2009 година, стр. 8
**- Стратегија за развој на енергетиката во република македонија до 2030 година, Министерство за економија, 2010 година, стр. 18
One Comment
zoran efremov
Единствено обновливите и еколошки извори може да ја спасат иднината на планетата земја.Меѓутоа на пазарот денес може да се најдат производи кои под името на екологијата,економичноста и ефикасноста се пробиваат вешто до потрошувачите а всушност се нешто спротивно од тоа што треба да бидат.
Токму од тие причини потребна е ваква стратегија како и правна рамка со регулативи кои ги задоволуваат критериумите за квалитет и еколошка свест како кај производителите на енергија така и кај потрошувачите на истата.
Честитки до авторот.
АДВОКАТ
З.Ефремов