За предностите и недостатоците на хибридните возила почна нашироко да се зборува уште од моментот кога тие станаа тренд меѓу новата генерација на возила. Иако хибридната технологија е одамна присутна, посебно кај подморниците и железничкиот превоз, сепак, стана широко прифатена кај луѓето со нејзиното вметнување кај автомобилите. Хибридните коли брзо станаа хит кај возачите, меѓутоа брзиот раст на нивната популарност доведе до потребата од поширока анализа на концептот, бидејќи е познат факт дека секој медал има две страни.
Да започнеме со предностите на хибридите. Самата основна технологија очигледно има некоја предност. Стандардната хибридна кола користи комбиниран погон на бензин и електрична енергија, што силно ја нагласува намалената потрошувачка на гориво. При палење (стартување) и движење со мали брзини се користи електричниот погон додека оној на внатрешно согорување се користи при поголеми брзини или патувања на подолги релации. Вградениот компјутер на ефикасен и незабележителен начин префрла од еден режим на работа во друг. За уште повеќе да се намали потрошувачката на гориво, колите се прават од нови, пред сѐ лесни материјали со аеродинамична линија. Употребата на електричниот погон исто така придонесува за намалена емисија на штетни гасови во атмосферата, но се чини вистинската предност е тоа што за полнење на батеријата за електричниот погон не е потребно приклучување на електричната мрежа, туку тоа се прави автоматски преку регенеративно кочење (поупатените го знаат тоа како КЕРС-систем кај Формула 1 болидите).
Но, како и обично, сѐ си има и своја лоша страна, па ттака и хибридните возила. Практично ниската енергетска ефикасност се смета за најголем недостаток. Неможноста да одржат голема брзина исто така е еден од главните недостатоци кај поголем број модели, како и векот на траење на батеријата и цената за нејзина промена. Дополнително, ниската тежина заради лесните материјали од кои се прават може да претставува и безбедносен ризик по возачите и патниците.
Меѓутоа, голем дел од владите во светот се очигледно импресионирани од хибридните возила , посебно од нивните ниска потрошувачка и намалено загадување, па овозможуваат поволни кредити или намалени давачки за нивните сопственици. Тоа често се додава како една од предностите на хибридните автомобили. Недостатоците, пак, треба да се гледаат како мотивација за постојано унапредување и надградување на оваа ветувачка технологија.