Новиот интересен приод кон намалувањето да потрошувачката на електрична енергија се заснова на игра – Енергетска битка (Energy Battle), со чија помош домаќинствата можат да остварат намалување на потрошувачката на електрична енергија и до 45%, а воедно и станарите да се стекнат со подобри навики за заштеда на енергија.
Daphne Geelen, David Keyson, Stella Boess and Han Brezet од Технолошкиот Универзитет од Делфт, Холандија, спроведоа игра во која учествуваа 20 станови во кои живеат студенти. Студентите добиваат директна повратна информација за нивната потрошувачка на енергија, моменталниот ранкинг на противничките тимови, како и совети за поголема заштеда на енергија. Очигледната цел на играта е да се најде начин да се намали потрошувачката во едно домаќинство преку исклучување на светлото во просторија кога нема никој или нема потреба од светло, користење на енергетски ефикасни светилки или целосно исклучување на електричните уредни наместо нивно оставање на stand-by.
За време на Енергетската битка, студентите успеале да ја намалат потрошувачката на енергија во просек за една четвртина, применувајќи методи на штедење предложени од играта. Уште повеќе, победничката екипа успеала да ја намали употребата на енергија во својот дом за дури 45%. Кога играта завршила, потрошувачката на енергија во некои домови повторно се зголемила, но сепак останала на многу пониско ниво отколку кога била пред почетокот на играта.
-Една едноставна игра како што е Енергетска битка испадна дека е моќно средство за поттикнување на заштеда на енергија на краток рок – објаснуваат истражувачите. Преку дополнителни интервјуа направени после завршетокот на играта, тие откриле дека некои од учесниците драстично ги промениле своите навики за користење на енергијата, но исто така нагласуваат дека сега е моментот да се провери дали од претворањето на енергетската ефикасност во игра може да има корист на долг рок во заштедата на енергија и горива и дали истиот пристап може да се примени и на останатите домаќинства, а не само на студентските.
-Тестирањето на Енергетска битка меѓу студентите нѝ даде увид во начините на кои може да се намали потрошувачката на енергија и да се создадат нови навики – велат од истражувачкиот тим. „Следниот чекор е да се протолкуваат резултатите од оваа студија и да се искористат за прилагодување на Енергетската битка за други целни групи, како деца или цели семејства“.