Процес на бактериска ферментација кој не се користи веќе со децении заради непрактичност, со мала модернизација повторно си го наоѓа своето место во практичната наука.
Имено, хемичарите од Калифорнискиот универзитет во Беркли осовременија еден хемиски процес кој беше откриен пред речиси 100 години од страна на Хаим Вајзман (кој подоцна ќе стане првиот претседател на Израел), со цел да произведат високоенергетско и нискозагадувачко биогориво кое би се користело кај превозните средства.
Во 1914 година, Вајзман открил дека бактеријата Clostridium acetobutylicum може да се користи за ферментација на шеќери од растително потекло и при разградувањето се добиваат ацетон, бутанол и етанол, поради што процесот е наречен „АБЕ процес“.
Првенствено АБЕ процесот, откриен пред почетокот на Првата светска војна, се користеше не за добивање на етанол, туку на ацетон, од кој потоа се добива кордит. Кордитот е прашкаста материја која се користи како замена на барутот. Меѓутоа, за правење кордит потоа почнал да се користи бензин, па АБЕ процесот брзо паднал во заборав.
Сега, научниците од Беркли ги отстрануваат ацетонот и бутанолот од смесата, при што останува само етанолот. Потоа, со помош на новооткриен катализатор кој се додава на етанолот, се добива нормален алкан (јаглехидрат во форма на права непрекината низа) преку додавање на јаглеродни атоми во секој молекул, со што ова гориво има слични својства како и фосилниот дизел. Досегашните тестирања покажале дека вака создадениот биодизел гори подеднакво ефикасно како и нафтениот дизел и е дури 10 пати помоќен од останатите типови на биогориво, заради зголемениот број на јаглеродни атоми. Тоа значи дека има потенцијал во иднина да се користи и како авионско гориво или за големи индустриски возила. Исто како и обичниот дизел, и ова гориво може да се меша со адитиви за возење во зимски или летни услови.
Според хемичарите, новиот ферментациски процес користи само 10% од енергијата која се користи кај другите методи за одвојување на етанолот од други материи.
Иако цената на новото биогориво засега е повисока од онаа на фосилните горива, научниците од Беркли се надеваат дека за 5 до 10 години ова гориво ќе може да се комерцијализира, пред сè заради воведувањето на мерките за користење на обновливи извори на енергија во Европа и Северна Америка.