Во претходните 2 недели пишувавме за видови на изолација. Како најефикасни изолациони материјали ги наведовме стаклена волна, камена волна, стиропор, стиродур или полиуретанска пена. Неспорно е дека овие изолациони материјали се квалитетни и со високи топлотни карактеристики. Но, овие материјали се еколошки неприфатливи. Тие не можат да се преработат – рециклираат , па така ја загадуваат природната средина. Исто така, треба да нагласиме дека овие материјали се добиваат од нафта (стиропор, стиродур или полиуретанска пена) и дека се енергетски интензивни, поточно за сите овие материјали потребно е големо количество на енергија за да се произведат.
Но, покрај нив, постојат и природни изолациски материјали кои можат да се искористат, а кои имаат исти или слични карактеристики како и вештачките изолациски материјали.
Волна
Изолациските карактеристики на волната се исти како и на стаклената волна. Така што, доколку планиравте изолација со стаклена волна, слободно можете да ја замените со обичната овчка волна. Во западна Европа, Вие можете да купите специјални панели од овчка волна, но кај нас сè уште не. Затоа волната морате да ја припремите за да ја искористите за изолација. Ланолинот кој се наоѓа во волната е идеална природна заштита од разни инсекти, па затоа се препорачува волната да се испере во ладна вода без додавање на детергент. Испраната и исушена волна треба да се третира со боракс хемикалија што дополнително ке ја заштити волната од инсекти и пожар.
Целулоза
Овој изолациски материјал се произведува од рециклирана хартија. Во производниот процес на ваков вид на изолациски материјал, хартијата се мели и третира со безопасни хемикалии за отпорност на пожари. Топлинските карактеристики на ваков вид на изолациски материјал се слични како и кај минералната волна.
(Продолжува)