Вардарска долина – проект стар речиси 15 години пред реализација. Ќе се градат 12 хидроцентрали по текот на реката Вардар од Скопје до границата со Грција.
Владата како инвеститор, со кинеската корпорација за води и енергија и со кинеската развојна банка денес потпишаа меморандум за разбирање.
Вардарска Долина е најголем енергетски проект во земјава. Проценет е на 1,5 милијарди евра. 15 години се предвидени за негова реализација.
– За секоја фаза од реализацијата на проектот се предвидува посебен кредит во износ од 85 отсто од вкупната инвестиција на фазата. За секоја фаза посебно ќе се дефинира точниот износ и рочноста и каматата за кредитот. Станува збор за исклучително поволни услови под кои се нуди кинескиот заем, но во моментов не се прецизно дефинирани, рече Владимир Пешевски.
Во рок од 18 месеци ќе се подготви физибилити студија, четири фази се предвидени изведба.
– Станува збор за стратешки интегрален проект значаен за енергетиката, но и за земјоделството, транспортот и туризмот во Македонија, рече министерот за економија Фатмир Бесими.
– Реализацијата на проектот Вардарска долина ќе значи по 100 милиони евра кинеска инвестиција во Македонија во наредните 12 до 15 години. Тоа ќе овозможи секоја година по 3.000 директни и 20.000 индиректни вработувања, рече вршителот на должност амбасадор на Кина во Македонија Цуи Жимин.
Вкупниот инсталиран капацитет на 12-те централи ќе изнесува до 350 мегавати со просечно годишно производство до 1.400 гигават часови електрична енергија или 15 % од вкупната енергија што се троши заедно со увозот. Реализацијата на проектот Вардарска долина ќе овозможи 3.000 директни и 20.000 индиректни вработувања.
Маја Дамјановска
Преземено од: КАНАЛ 5