На 25 август во рамките на настанот „Битола отворен град“ во организација на МКЦ од Битола се одржа концерт на кој, помеѓу други бендови, настапуваше и Рамбо Амадеус. Тимот на блогот за енергетска ефикасност ја искористи можноста да направи интервју со Рамбо Амадеус, еден од ретките уметници кои што ја промовираат енергетската ефикасност.
Публиката во Македонија во главно Ве познава по Вашите песни, но од друга страна не е запознаена со Вашата активност на полето на енергетска ефикасност. Од каде интересот за енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија?
Првично се интересирав за екологија и скоро 2-3 години пишував текстови поврзани со екологија, уште во време кога овој феномен не беше ниту забележан на Балканот. После некое време забележав дека екологијата стана општа тема и дека успеав во своите напори да ја преминам таа критичната точка кога луѓето навистина почнаа да мислат и да зборуваат за екологија – екологијата стана тема број еден.
Во меѓувреме разбрав дека енергетската ефикасност е всушност централната точка на екологијата – ако сакаме да ги достигнеме еколошките стандарди, ние пред сé мораме да бидеме енергетски ефикасни.
Но она што е најинтересно кај енергетската ефикасност е тоа што во неа се кријат огромни количества на пари! Еве на пример, Србија оваа година треба да увези електрична енергија во вредност од околу 300 милиони евра. Зошто? Бидејќи е енергетски неефикасна.
Балканските држави трошат 5 пати повеќе електрична енергија по едно домаќинство во споредба со на пример Данска, која што има 10 пати поголем стандард. Енергетската ефикасност исто така може да го поттикне економскиот развој на балканските држави – само таа може да донесе раст од 6% на БДП.
Замислете ги придобивките на државата доколку, на пример, едно домаќинство троши 5 пати помалку електрична енергија, што е реално изводливо. Или на пример, доколку некое претпријатие троши 5 пати помалку енергија по еден заработен долар! Тогаш остварените заштеди можат да се пренасочат во други, битни области, а со тоа и да се забрза стопанскиот раст на секоја држава.
И енергетската ефикасност, исто како и кога се занимавав со екологијата, бара голема медиумска застапеност. Значи, покрај интернетот како медиум каде што секој човек може да најде голем број на информации, не само за енергетска ефикасност, бара ангажирање и на телевизија која што ќе го „превоспита“ народот. Од тие причини се бориме за поголема телевизиска застапеност.
Голем број на луѓе мислат дека енергетската ефикасност е нешто, недостапно, „хајт тек“, прескапо…
Еве еден едноставен пример кој што нѝ покажува дека енергетската ефикасност е нешто многу едноставно и многу евтино. Да земеме на пример дека се греете на дрва. Она што можете да направите е да поставите еден обичен лимен плех помеѓу печката и ѕидот. На ваков начин, ги намалувате топлинските загуби – топлината не се губи со догревање на ѕидот, туку се „рефлектира“ назад во просторијата. Вака можете да заштедите и до 20% – доколку купивте 10 метри кубни дрва, на крајот на грејната сезона ќе ви останат 2 метри кубни за следната сезона.
Друго што треба да направите е дихтување на внатрешната врата и прозорци. Тука се мали вложувања, а најголеми заштедите – и до 30%.
Што Вие конкретно имате направено во Вашиот стан, а што секој друг може да го направи?
Имам среќа да живеам во нова зграда, во Белград, која што е добро термички изолирана. Но, она што го направив е дополнително дихтување на прозорците и на надворешната врата. Исто така, ги намалив вентилите на радијаторите. Ова го направив поради тоа што имам предобро централно греење, па да не дојдам во ситуација како моите комшии кои што ги држат отворени прозорците поради силното греење во текот на зимската сезона, што е апсурд.
На прозорците кои што ми се свртени кон јужната страна, инсталирав венецијански ролетни. На 1 m2 од фасадата сонцето праќа 1.2 kW, така да ниту една клима нема да ве спаси од големите горештини.
Куќата во Херцег Нови ја изолирав со стиродур и на неа инсталирав сончеви колектори за топла вода. Јас лично сум многу задоволен со сончевите колектори. Порано само за затоплување на топла вода трошев електрична енергија во вредност од преку 150 евра. Денес од кога ги инсталирав колекторите, плаќам само 25 евра. Ова му го препорачувам на секој – инвестицијата изнесува околу 1000 евра, која што се враќа во период од само 2 години.
Колата наместо бензин троши природен гас. Во моментот преуредувам едно „фичо“, кое што ќе користи гас и на него ќе инсталирам еден HHO уред па да видам како ќе работи. Исто така, кога времето дозволува, возам велосипед – човековите мускули се енергетски најефикасна машина.
Колку е човековото однесување битно кога се работи за енергетска ефикасност?
Тука е главниот проблем. Треба да се направи едно „превоспитување“ на луѓето. Еве еден пример. По завршетокот на Втората светска војна имавме разрушена индустрија. Тогаш за потребите на капиталистите се направи една широка медиумска кампања која што го промовираше потрошувачкото општество. Тогаш е создадена домаќинка облечена во Шанел облека, која што ги има сите тие електрични уреди.
Моќта на оваа кампања беше толку силна да скоро секое домаќинство во седумдесеттите години имаше по една „хауба“ за сушење на коса! Да не зборуваме за некои други уреди – електрични ќебиња, фен, или тостер на пример. Апсолутно непотребни уреди кои што трошат големи количества на електрична енергија.
Еве една приказна за тоа колку се навиките битни, но во исто време и опасни. Првата светска војна однесе многу човечки жртви. Само на фронтот помеѓу Италија и Австро – Унгарија загинаа 170.000 војници. Зошто? Бидејќи технологијата донесе нови оружја – прецизни хаубици, бојни отрови, митралези… Но, од друга страна останаа стари навики, стари наредби уште од војните на време на Наполеон. Тогаш во употреба беа стари пушки за кои што ти требаше повеќе од минута за да ги наполниш. Тогаш наредбата „јуриш“ се издаваше во време кога спротивната страна ги полнеше пушките.
Што се случи во Првата светска војна? Се појави митралез кој што пука рафално, а останаа генерали кои што размислуваа како за време на војните на Наполеон. Тие ги притискаа офицерите да наредуваат „јуриш“. Од 10 војници кои што ќе тргнат на заповед „јуриш“, 8 од нив ќе загинат. Ајде денес да видам некој кој што ќе нареди „јуриш“?
Заклучок – ние ја имаме технологијата, но се уште не ја користиме поради старите навики. Затоа нѝ е потребна принуда. Демократијата не може да го реши проблемот.
Демократијата е диктатура на глупите. Глупите се во мнозинство и поради тоа тие ја гласаат власта која што нив им одговара. Ова треба да се оневозможи за да ја спасиме планетата. Неписмен човек не знае да ја протолкува статистичката пита. Таков човек е функционално неписмен и тој не смее да има право на глас. Тоа е исто како во војска да имате пијан човек кој што управува со ракетни системи. На Балканот имаме 70% функционално неписмено население.
Од една страна како што видовме имаме еден проблем – недоволна едукација. Но од друга страна тука се и интересите на крупниот капитал, на кој што не му одговара намалено трошење на енергија.
Пред неколку години присуствував на една седница посветена на енергетска ефикасност. Нивната тема не беше зголемување на енергетската ефикасност, туку зголемување на енергетските капацитети, зголемување на енергетската инфраструктура. Значи пак се враќаме кон истиот проблем – профитот.
Профитот е тој кој што ја загадува Земјата, а не сиромашните кои што работат на оризовите полиња. Земјата ја загадуваат компаниите како што е Бритиш Петрол, кои што копаат и до 3.000 метри длабочина во потрага за нафта.
Денес сме свесни дека капитализмот и профитот се главни непријатели на нашата планета и на нејзините ресурси. Како ти да убедиш еден капиталист кој што продава дрво, дека не треба да го сече дрвото. Денес веќе имаме измамници кои што сечат огромни површини на букови шуми за да произведуваат пелети.
Според мене, планетата има излез од оваа состојба, а тоа е зелен комунизам. Едноставно не ќе можеш да трошиш гориво колку што сакаш, туку колку што навистина ти треба. Никој не ќе може да добие употребна градежна дозвола доколку објектот нема енергетски сертификат. Денес во Франција имаме состојба во една иста улица, две слични куќи, со иста квадратура да имаат различна цена. Куќата која што помалку троши енергија вреди и до три пати повеќе.
Колку се вашите концерти енергетски ефикасни?
Класичното осветлување троши 5 пати повеќе електрична енергија отколку озвучувањето. Од тие причини користам ЛЕД осветлување кое што е енергетски ефикасно. Ако земеме предвид дека понекогаш се користат агрегати кои што користат нафта, со користење на ова осветлување трошиме помалку енергија. Уште ако го скратиме времето на траењето на концертот или како што јас тоа го правам на моите концерти – ја пуштам публиката самата да пее, тогаш трошиме уште помалку енергија.
До кај сте со запишаните мастер студии?
Студиите ги ставив на страна – едноставно немам доволно време. Работите во оваа област пребргу се одвиваат, така што денес најдобрите студии ми се разговорите со мојот другар кој што предава на Оксфордскиот институт за енергетска ефикасност.
Она што денес моментално го работам е лобирање за добивање на еден ТV Show кој што ќе ја обработува темата на енергетската ефикасност.
Благодариме на издвоеното време
Посетете го сајтот на Рамбо Амадеус на кој се поставени интерактивни игри поврзани со тематиката на енергетска ефикасност и екологија