Енергетската ефикасност е тешко да се визуелизира. Не постои некој опиплив уред како соларен панел или ветерна турбина. Тоа е всушност збир на технологии, стратегии и политики кои се однесуваат на куќите, деловните објекти, транспортот и однесување кои се наменети за подобрување на нашиот начин на живот. Често се јавуваат погрешни сфаќања, или митови, за тоа како добиваме потврда дека енергетската ефикасност работи и како ја мериме користа од истата. Во овој текст ќе се обидам да побијам четири такви митови замерливоста на енергетската ефикасност.
Мит бр. 1: Енергетската ефикасност е идеја, повик за делување, а не опиплива работа. Не постои веродостоен начин на мерење на заштедите кои се резултат на мерките за ефикасност.
Непостоењето на државен стандард за мерење и утврдување на енергетските заштеди кои се резултат на енергетска ефикасност не значи и дека не постои начин тоа да се измери. Енергетските компании во земјава со години ги покажуваат заштедите на енергија постигнати заради поголема ефикасност. Самата можност на дистрибутивната компанијата да наплаќа за потрошената електрична енергија е заснована на нејзината можност за мерење и утврдување на потрошувачката, а со тоа и на заштедата на енергија, со одредена точност.
Мит бр. 2: Многу фактори влијаат на потрошувачката на енергија што е невозможно да се утврди дали заштедата е резултат на поголема ефикасност или на друг фактор.
Постои цела професија наменета за процена на енергетски програми која се развиваше во последните 30 години и притоа овие професионалци употребуваат методологии на процена кои се прифатени од регулаторните тела на меѓународно ниво. Кога некој стар, неефикасен уред ќе се замени со понов, енергетски ефикасен модел, заштедата на енергија може да се измери со голема сигурност. Иако и другите фактори (време, економски активности) може да влијаат на потрошувачката енергија, со одредени статистички методи може да се одделат овие ефекти.
Мит бр. 3: Не можам да сметам на енергетската ефикасност да ми овозможи вишок енергија кога ќе ми треба.
Енергетската ефикасност не е нешто кое се повикува по нарачка тогаш кога ќе нѝ притреба. Напротив, тоа е концепт кој ве снабдува со минималното потребно количество енергија и кога еднаш ќе се примени, генерира заштеди цело време додека работи некој уред. Животниот век на ефикасниот концепт ќе зависи од тоа која мерка сте ја примениле – штедливи светилки, нов клима уред, додавање инсталација на куќата… Со тоа енергетските заштеди можат да траат од 3 до 20 години, па и повеќе. Плус, додека многу концепти на обновлива енергија се потпираат на надворешните услови кои не можат да се контролираат, мерките за енергетска ефикасност генерираат заштеди постојано и не зависат од времето.
Мит бр. 4: Потенцијалната корист од енергетската ефикасност е мала и не вреди да се мери и да се инвестира во неа.
За земја со ограничени енергетски ресурси како Македонија, енергетската ефикасност е нејзин најголем ресурс. Заштедите на енергија од енергетската ефикасност се вистински, мерливи и заштедуваат пари. За жал кај нас сè уште енергетската ефикасност не е дел од свеста на граѓаните и не се применува многу (да не речам воопшто), па немаме некои порелевантни податоци кои се однесуваат на заштеда на енергија на национално ниво. Но, едно семејство може многу лесно да ги измери своите заштеди со следење на состојбата на броилото во одреден период, откако ќе направи некоја измена во домот.