За време на следните осум недели, тимот на унаВизија ќе истражува начини како да се развијат концепти и прототипи кои би можеле да се применат во локално основана заедница во Македонија.
Заедно со сите оние кои се заинтересирани да придонесат кон овој процес, ќе истражуваме, презентираме и дискутираме различни аспекти од развојот на една одржлива заедница, со цел да ја собереме колективната мудрост и да споделиме релевантни добри примери од земјата и светот. Крајната цел, која е подлога на сите теми и ќе не води низ сите настани и активности, е прашањето – дали е возможно да се создаде одржлива заедница во Македонија, која би била место за живеење, учење и работа за оние кои се заинтересирани за одржливи начини на живот. Визијата ни е да осмислиме модел на хабитат во природа, инкубатор за еко-социјално претприемништво и заеднички кооперативи, со простори за работа, креативност и игра, со пермакултурни градини, вегетаријански ресторан, објекти за сместување и културни и образовни центри. До крајот на годината би требало да создадеме еден целосен концепт документ кој ќе не води во развивањето на таквиот колективен простор и ќе ни помогне да ги дизајнираме основните елементи на неговото постоење.
Темите кои ќе ги обработуваме секоја недела оваа есен се:
- Храна (производство, дистрибуција и консумација) 13 – 19 октомври
- Образование и обуки 20– 26 октомври
- Градење и живеалишта 27 окт – 7 ноември
- Управување со отпад 3– 9 ноември
- Развој на заедницата 10– 16 ноември
- Енергетска ефикасност 17– 23 ноември
- Работа и еко-социјално претприемништво 24– 30 ноември
- Уметности и занаети 1– 7 декември
Некои од прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор се:
ХРАНА
Што е вклучено во синџирот на храна? Кој е најдобриот начин за производство на храна во една таква заедница? Како можеме да го направиме тој процес одржлив и да го вклучиме и локалното население? Кој е најдобриот начин да ја организираме дистрибуцијата на прехранбени производи и продукти од и за заедницата? Кои се можностите за подготовка и служење органска храна?
ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКИ
Кои се можностите за алтернативен образовен систем во заедницата? Кои други модели можат да се применат во таква средина? Неформално образование, доживотно учење, едукација во природа, развој на лични вештини, мрежа за размена на вештини и знаења, ЕВС, wooffing, и сл. Кои би биле корисниците?
ГРАДЕЊЕ И ЖИВЕАЛИШТА
Кои се можностите за создавање соодветна инфраструктура и дизајнирање на заедницата? Кои техники постојат за градење со природни материјали? Кои се легалните аспекти на градењето кај нас? Како може да се организираат личните живеалишта и колективниот простор во заедницата?
УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД
Кои модели за управување со отпад можат да се применат во една таква средина како заедницата? Кои постоечки практики можат да се спроведат? 4Р (refusing, reducing, reusing, recycling), нулта отпад, компостирање, еколошки отпечаток, итн.
РАЗВОЈ НА ЗАЕДНИЦАТА
Кој е најоптималниот организациски модел за заедница во македонски услови? Како може да се основа и како да се управува со неа? Дали има некои постоечки модели на развој на заедницата и колективно донесување одлуки кои можат да се спроведат? Социократија, ненасилна комуникација, кооперативен менаџмент и сл.
ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ
Кои практики од областа на енергетската ефикасност можат да се применат? Кои се најоптималните (и возможните) начини за создавање и зачувување на енергијата во заедницата, и како таа може да се користи заеднички?
РАБОТА И ЕКО-СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО
Кој би бил економскиот профил на заедницата? Кои се можностите за создавање зелени работни места и вклучување на ранливите групи во општеството? Каква би требало да биде рамнотежата меѓу работата и домот? Дали постои можност да се создаде локална валута? Што е еко-социјално претприемништво?
УМЕТНОСТ И ЗАНАЕТИ
Кои модели на креативни економии можат да се применат во заедницата? Како би можеле да се развијат програми за обнова на старите занаети во Македонија? Како најдобро можат овие вештини и знаења да се искористат во полза на заедницата?
За да се дојде до одговор на овие, и многу други битни прашања, секоја недела ќе организираме барем по еден настан од релевантната област, како и отворена дискусија за темите поврзани со нив (секој петок, проследено со споделување заеднички оброк, за кој ве каниме и самите да придонесете со домашно приготвена храна). За секоја од темите има одговорен тим од унаВизија кој ги подготвува презентациите, настаните, активностите, дискусиите и истражувањата за можностите и најдобрите практики од светот и земјата. Секој оној кој има идеја, знаење, вештини, информација на дадена тема е добредојден да се вклучи во неделните активности и да придонесе кон мозаикот за создавање заедничка визија.
На крајот од секоја недела и тема, целта е да се соберат информации, практики и прототипи на конкретни можности за организирање на обработуваниот аспект од развојот на заедницата. Увидите треба да бидат релевантни, практични и остварливи, за да можат да се употребат како почетна матрица при формирањето на одржливата заедница во Македонија во текот на 2015 година.
Како да се вклучите?
- Следете ги активностите на унаВизија и посетете ги настаните кои ве интересираат преку www.fb.com/dunavision и www.unavision.eu
- Пишете ни со идеја/ресурс/можност/личност/настан/активност што би сакале да ја организирате или споделите за некоја од темите на contact@unavision.eu
- Дојдете во дружбениот простор на унаВизија во Скопје, во населба Аеродром, близу до Железничка станица, покрај кејот на Вардар httpss://goo.gl/maps/vGXOs – секој петок ќе има дискусија и домашно приготвена закуска почнувајќи од 17.30 часот.
- Проширете ја информацијата за унаВизија и споделете со пријатели и познаници кои би биле заинтересирани да се вклучат.
Ве очекуваме, заедно со вашите иновативни и креативни идеи, на дружба и заедничко создавање на иднината.
2 Comments
kire
Ekoloskoto Drustvo Vila Zora od Veles i jas kako koordinator na proekti od oblasta na odrzliviot razvoj rabotime veke podolgo vreme na temata odrzliv razvoj i proekti povrzani so odrzliviot razvoj vo poveke oblasti. Imame interes da sorabotuvame vo pogled na zaednicki iskustva i izvedba na proekti od odrzliviot razvoj. Ako ste zainteresirani za sorabotka kontaktirajte me pa bi mozele da prodiskutirame za ponatamosni aktivnosti.
So Pocit
Kire
Предраг Стојковски
Здраво Кире,
Во текстот се поставени контакт информациите за целата иницијатива па се надевам дека ќе соработувате.
Поздрав!