Општо гледано, извештајот на ÅF MERCADOS EMI е заснован на песимистичко разгледување на можностите за намалување на побарувачката на енергија и стратегиите за побарувачка на обновлива енергија. Основното сценарио во извештајот предвидува постојан раст на потрошувачката на електрична енергија до 2030 година, во согласност со предвидувањата на МАНУ. Оваа проценка може да се оспори во неколку точки.
Енергетскиот интензитет во Македонија е мошне висок во споредба со европските земји. Во просек, на македонската економија во 2012 година за произведување на единица БДП и било потребно 45 проценти повеќе примарна енергија во однос на држава-членка на ЕУ-151 . Ова посочува дека се можни значителни заштеди во индустрискиот, комерцијалниот и домаќинскиот сектор. Наспроти понапредните пост-социјалистички земји како што се Република Чешка и Полска, потрошувачката на електрична енергија во индустријата во Македонија се зголемува во последните години. Помеѓу 1990 и 2010 година, количеството на електрична енергија кое големите индустриски капацитети го побарувале е зголемено за речиси 40 проценти, од 976 GWh годишно на 1359 GWh годишно (Tieman 2010). Потрошувачката во индустријата во целост е покачена за речиси една третина, од 1519 GWh на 2010 GWh годишно (Eurostat, 2013).
Како резултат на ваквите трендови, енергетскиот интензитет на Македонија измерен во паритет на куповна моќ (ПКМ) се покачил меѓу 1990 и 2006 година, додека членките на ЕУ кои се дел од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја намалиле оваа бројка за 25 проценти (Министерство за економија 2010: 49). Всушност, кога се пресметува во паритет на куповна моќ за 2005 во американски долари, се чини дека Македонија направила многу скромно подобрување на енергетскиот интензитет на својата економија во споредба со поразвиените поранешни југословенски републики (види Слика 3).
Слика 3: Промена на енергетскиот интензитет во Македонија помеѓу 1992 и 2010 година (вкупно снабдување со примарна енергија во тон нафтен еквивалент за милион единици на ПКМ – приспособен БДП во американски долари од 2005 година) споредена со ЕУ-15 и просек на две поранешни југословенски републики кои не се членки на ЕУ.
Извор: https://www.eia.gov/cfapps/ipdbproject/iedindex3.cfm?tid=92&pid=46&aid=2
Поголемиот дел од побарувачката на електрична енергија во Македонија отпаѓа на домаќинствата. Во последните 10 години, резиденцијалната потрошувачка е одговорна за скоро половина од целокупната побарувачка во земјата. Севкупно земено, потрошувачката на електрична енергија на домаќинствата бележи раст од 8 проценти помеѓу 2001 и 2010 година. Истовремено, резиденцијалниот сектор останува многу неефикасен во својата потрошувачка на енергијата заради неадекватната имплементација на градежните регулативи (кои не се доволни сами по себе), застарените згради, уреди за домаќинствата и грејни тела, како и несоодветното означување и стандарди за енергетска потрошувачка на уредите во домовите (USAID 2009). Логично е да се предложи дека овие проблеми можат да бидат надминати со програма за сеопфатни мерки за енергетска ефикасност проследени со долгорочни мерки за трансформација на пазарот.
(Tirado Herrero and Ürge-Vorsatz 2012, Ürge-Vorsatz et al. 2010).
Истото се однесува и на секторот на услуги кој забележа раст од 43 проценти на побарувачка на енергија помеѓу 2001 и 2010 година (Eurostat 2013). Треба да се забележи дека земја како Република Чешка, која постигнала годишен раст на БДП од 7 проценти помеѓу 1990 и 2010 година имала просечен пораст од 2,7 проценти на потрошувачка на електрична енергија во истиот период главно заради екстензивните програми за подобрување на енергетската ефикасност во овие сектори (ABB 2013). Истовремено треба да се напомене дека бројот на жители во Македонија се намалува побрзо отколку што е предвидено од Стратегијата за енергетика – според некои проценки најмалку 230 000 жители емигрирале од земјата во последните неколку години и овој тренд се очекува да продолжи во иднина (Balkan Insight 2013). Сезонската природа на оваа емиграција – многу емигранти се враќаат во земјата за време на летото и зимските празници – уште повеќе ја нагласува потребата за развој на систем за производство кој може да се справи со големите осцилации на побарувачката.
Извештајот на ÅF MERCADOS EMI го запоставува придонесот на останатите видови на енергија кон намалувањето на побарувачката на домаќинствата. Се верува дека помеѓу две третини и 80 проценти од потрошувачката на енергија на домаќинствата се користи за греење и ладење на просторот. (Analytica 2012, World Bank 2012). Зголемената употреба на соларна топлинска енергија, централно греење, природен гас, грејни пумпи, геотермална енергија и биомаса можат значително да придонесат за промена на профилот на енергетска потрошувачка (види Додаток 3).
Додаток 3: Алтернативни енергетски сценарија за Македонија Треба да се забележи неодамнешната работа на Светската банка во областа на проценка на идна побарувачка на енергија во Македонија. Користејќи го MARKAL моделот за оптимизација на снабдувањето со енергија, проект тимот на Банката ја утврди оптималната комбинација на разни енергетски извори за задоволување на зацртаната енергетска побарувачка во согласност со ресурсните, технолошки и останати ограничувања во периодот 2010 – 2050 година. Студијата прво разви референтно сценарио кое проценува дека на Македонија ќе и биде потребна инвестиција во енергетскиот сектор од околу 5303 милиони евра вкупно (или 135 милиони евра годишно) во следните 40 години. Неколку чисти технологии за производство на енергија беа разгледани под сценариото за зелен раст. „Зеленото сценарио“ кое беше развиено вклучуваше: (i) реновација на постоечките термоцентрали со цел да се подобри нивната ефикасност за 2 проценти, (ii) 463 MW од нови хидроцентрали покрај 813 MW од референтното сценарио за следните 40 години, (iii) 360 MW од ветерни електрани покрај 670 MW од референтното сценарио. Ова сценарио покажа дека Македонија би заштедила околу 2,2 милиони евра во трошоци за снабдување со енергија секоја година додека истовремено би намалила 133 илјади тони емисии на CO2 во секоја од наредните 40 години.
Студијата ја користеше Алатката за предвидување на енергетските рамки и постигнување на консензус за емисиите (Energy Forecasting Framework and Emissions Consensus Tool (EFFECT)) за развивање на сценарија за потрошувачка на енергија во Македонија до 2050 година. Референтното сценарио предвидува глобален пораст во побарувачката на електрична енергија со стапка од 1,6 процент годишно за домаќинствата и 1,7 процент годишно за нерезиденцијалните згради. Зеленото сценарио, пак, предвидува годишна заштеда на потрошувачката од 15 проценти во 2035 година, па се до 22 проценти во „супер-зеленото сценарио“.
Кај индустрискиот сектор лежи најголемиот потенцијал за заштеда заради неговиот релативно брз пораст и заради постојаната мотивација за намалување на трошоците. На него отпаѓаат повеќе од 40 проценти од потенцијалната заштеда. Домаќинскиот сектор моментално е најголемиот потрошувач и може исто така да придонесе со 40 проценти вкупна заштеда, додека нерезиденцијалните згради може да придонесат со 20 проценти.
Студијата предлага ред мерки кои може да се применат за подобрување на енергетската ефикасност.
Извор: https://web.worldbank.org/archive/website01354/WEB/0__CO-40.HTM
Земени заедно, ваквите фактори водат до заклучок дека претпоставките на ÅF MERCADOS EMI за основното сценарио, во кое побарувачката на електрична енергија се очекува да порасне за 40 проценти помеѓу 2014 и 2020 година (со дополнително сценарио за „висока побарувачка“ кое предвидува пораст од 60 проценти) ја преценуваат потребата за енергија на Македонија. Во најмала рака, во рамките на студијата требало да биде формулирано сценарио кое предвидува посуштествени енергетски заштеди.
Во врска со ситуацијата со снабдувањето, извештајот на ÅF MERCADOS EMI претпоставува скоро занемарлив пораст на соларниот фотоволтаичен капацитет до 2030 година. Образложенијата за оваа претпоставка се несоодветно песимистични, особено ако се земат предвид големите можности на земјата за инсолација. Грција, на пример, планира да изгради соларна електрана од 300 MW близу градот Кожани, блиску до југозападната граница на Македонија кадешто степенот на инсолација е сличен. Ова за малку ја надминува инсталираната моќност на еден блок на РЕК Битола (Choudhury 2013). Само во 2012 година Грција инсталираше соларни фотоволтаици со капацитет од 1 GW низ целата земја (види Слика 4).
Слика 4. Пораст на инсталирана моќност на соларни фотоволтаици во соседните земји со сличен степен на инсолација за време на 2012 година, споредено со инсталираната моќност на најголемата македонска термоцентрала.
(Извор: https://www.pv-power-plants.com/industry/national-markets/; https://www.solarflowthrough.com/s/SolarEnergy.asp?ReportID=561475&_Type=Solar-Power&_Title=Germany-Europe; https://www.ea.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=679&Itemid=124&lang=mk).
Можноста за снабдување со комбинација на ресурси во која 50 проценти е обновлива енергија е хипотетички разгледувана во академската литература (Ćosić et al. 2012). Ова би значело, inter alia, намалување на побарувачката на електрична енергија во зградите (резиденцијални, комерцијални и услужни) за 25 проценти, намалување на побарувачката на топлина во зградите за 35 проценти, замена на јагленовите котли во зградите со топлински пумпи, замена на 35 проценти на нафтени котли во зградите со топлински пумпи, замена на 15 проценти котли на природен гас и биомаса со топлински пумпи, замена на 50 проценти греење на електрична енергија во зградите со топлински пумпи и учество со Енергетските можности на Македонија 20 проценти во снабдувањето на побарувачката на топлина во зградите со соларна топлинска енергија.
Намалувањето на побарувачката на електрична енергија во индустријата за 35 проценти исто така би било потребно, како и намалувањето на побарувачката од гориво во индустријата за 20 проценти, замената на 15 проценти потрошувачка на нафта, јаглен и природен гас со електрична енергија, замената на 50 проценти на потрошувачка на јаглен и природен гас со биомаса и снабдување на 20 проценти од побарувачката на топлина со соларна топлинска енергија. Покрај разните подобрувања на енергетската ефикасност во транспортниот сектор сценаријата предвидуваат, inter alia, затворање на 3 термоцентрали во земјата и зголемување на соларниот капацитет до 1100 MW, зголемување на капацитет на ветерот до 1500 MW и замена на јаглените и нафтените котли во топлификацискиот систем со природен гас.
Текстот е дел од публикацијата Енергетските можности на Македонија подготвена од страна на НВО Еко – свест