Уличните светилки светат цела ноќ (кај нас понекогаш и сред бел ден), 365 дена во годината (сепак, кај нас може и да не светат со недели), а преку ден се „сончаат“. Заради оваа комбинација на ноќна употреба наизменично со дневна изложеност на сочева светлина, тие се идеале кандидат за употреба на соларна енергија.
Повеќе компании производители на светилки веќе нудат опција на улична светилка напојувана од фотонапонски панели. Но, на Универзитетот во Севилја, Шпанија, дизајнирале улична светилка која за напојување користи не еден, туку два обновливи извори на енергија, во случајот сонце и ветер. Таа се состои од два поликристални фотонапонски панели, како и ветерна турбина со вертикална оска, вградена во галванизираниот челичен столб.
Енергијата која се генерира во соларните панели и турбината се спроведува до две 12 волтни батерии кои можат да бидат оловни или литиум-јонски, кои се наоѓаат во подземен простор под столбот.
Кога фотоосетливиот сензор ќе детектира дека паднала ноќ, се вклучува низа од LED светилки со вкупна осветленост од 3520 лумени. Со оглед дека се работи за LED светилки чија излезна светлина лесно се подесува, уличната светилка може да се испрограмира да свети со различен интензитет или да се гаси и пали во одредени периоди, во зависност од условите и потребите.
Според експертите од универзитетот, системот може да издржи силни ветрови со брзини и до 140km/h, а работи на температури од -30 до 40°С. За жал, заради малиот температурен работен опсег, не се погодни за употреба во голем дел од светот, но од тимот велат дека тоа ќе им биде следниот предизвик.
Иако овие улични светилки се предвидени да работат самостојно, надвор од мрежата, тие можат да бидат поврзани со далечински систем за управување, но и да бидат дел од градската мрежа од каде би се напојувале доколку има потреба. Се проценува дека светилката ќе има барем 50000 часа работен век.
Најдоброто е што, кога еднаш ќе ѝ дојде крајот на светилката, дури 95% од нејзините составни делови ќе можат да се рециклираат.