За светлата перспектива на проѕирните фотонапонски панели сме пишувале и претходно (тука), но ретко кој очекуваше дека производот кој генерира чиста енергија и функционира како и секој друг прозорец толку брзо ќе се најдe во продажба.
Јапонскиот производител Sharp и претходно се истакнувал како водечка компанија во инаовациите на полето на соларната енергија.
Проѕирните соларни панели, дизајнирани посебно за балконски огради и прозорци на индустриски или станбени згради, ја претвораат сончевата енергија во електрична енергија преку ден, како и сите други фотоволтаици, истовремено дозволувајќи светлината да продира во просторијата. За оние кои се наоѓаат во зградите, овие фотонапонски модули не го блокираат погледот кон надвор.
Секој фотоволтаичен панел е направен од повеќеслојно стакло во кое се вметнати фотоволтаични ќелии. Големината на секој панел е околу 1.5m х 1m, со дебелина од околу 10mm. Од Sharp истакнуваат дека ваквите модули умерено ја засенуваат силната сончева светлина, со што се намалува потребата од трошење електрична енергија за ладење на просторијата.
Фотонапонските соларни прозорци на Sharp имаат ефикасност на конверзија на соларната енергија во електрична од 6.8, со максимална моќност на еден модул од 95W. Иако овој коефициент на преобразба е доста понизок од оној на стандардните комерцијални соларни панели (15-20%), сепак мора да се нагласи предноста на овие панели е во нивната флексибилност во однос на локацијата на монтирање.
Заради изгледот на акрилно стакло, во Sharp се надеваат дека нивните панели ќе бидат позитивно дочекани од градежните компании кои бараат материјали што би делувале како топлински изолатори, без да се наруши естетиката на градбата.
Овие полупровидни панели ќе бидат достапни за потрошувачите во Јапонија уште од 1ви октомври, но сè уште не е најавено кога истата можност ќе ја имаат корисниците во другите земји.