Минатата недела, во вестите се појави информација во врска со изградба на прва „хибридна куќа„ во Македонија. Голем број на наши читатели и голем број на луѓе воопшто се прашуваа што е тоа „хибридна куќа“, како функционира итн. Во врска со тоа разговараме со Робин Бојчевски, директор на АРЕСЕ Солушнс Скопје, компанијата што ја изгради првата „хибридна куќа“ во Македонија.
Минатата недела, низ Македонија помина веста за појава на прва „хибридна куќа“. Голем број луѓе се запрашаа што е тоа „хибридна куќа“?
РБ: Поимот „хибридна куќа” во конкретниов случај се однесува на хибридниот систем за производство не електрична енергија: ветерен генератор и систем од фотонапонски (фотоволтаични) панели, надополнет со термален сончев колектор за загревање на вода.
Вообичаено системите кои вклучуваат повеќе од еден извор на енергија се нарекуваат „хибридни”. Бидејќи објектот не поседува приклучок кон јавната дистрибутивна напонска мрежа, некако природно се наметна поимот „хибридна куќа”.
Принципот на „хибридна куќа” подразбира комбинација од нови технологии надополнета со природни и еколошки градежни материјали. Како и кај хибридните автомобили, „хибридните куќи” ја користат бесплатната енергија од природата користејќи различни осовременети технологии, познати од дамнина, а кои се базираат на сончевото зрачење и ориентација, термалните маси и енергијата на ветерот.
Поради фактот што при градењето на куќата се користени природни материјали, надополнети со интелигентниот дизајн, добрата надворешна термичка изолација и секако системите за автономно производство на електрична енергија и топла вода сосема природно се наметна поимот „хибридна куќа”.
Што е разликата со слични градби како што се нискоенергетски куќи/објекти или енергетско ефикасни куќи/објекти?
РБ: Основната разлика е во автономните системи за производство на електрична енергија и топла вода. За разлика од споменатите видови објекти, кај кои главен акцент се става на малата потрошувачка на енергија, односно големите заштеди кои се остваруваат при секојдневното користење на истите, кај „хибридната куќа” покрај задоволување на истите барања, дополнителна вредност е комплетното задоволување на енергетските потреби од сопствени системи со користење на обновливи извори на енергија (ОИЕ) без користење на енергија произведена од т.н. класични или фосилни извори на енергија.
Кои системи и материјали се вградени во овој објект?
РБ: Во објектот се инсталирани следните системи:
– Автономен фотоволтаичен систем за производство на струја,
– Автономен ветрогенераторски систем за производство на струја,
– Термален сончев колекторски систем за греење на вода
Со цел складирање на произведената енергија инсталирана е батериска банка (група на батерии-акумулатори соодветно групирани и меѓусебно поврзани) како би се задоволиле барањата за енергетска автономија на обејктот во период од 3 дена.
Термалниот колекторски систем е димензиониран да ги задоволи потребите за топла санитарна вода и воедно да служи како испомош на топловодниот систем за греење. Со ваквиот концепт ќе се остварат дополнителни заштеди во потрошувачката не електрична енергија кои може да достигнат и до 30%.
Проектниот ангажман на АРЕСЕ Солушнс беше да обезбеди енергетско осамостојување на објектот. За реализација на некои од фазите од градба на објектот имавме повеќе советодавна улога. Во секој случај, материјалите кои се вградени се современи, од природно потекло, еколошки полезни и што е многу битно енергетски ефикасни, така да објектот во целина ќе може да ги задоволи високите критериуми за енергетска ефикасност на градби кои се очекува да станат актуелни во скоро време.
Која е цената по квадратен метер за ваков вид на објект?
РБ: Многу фактори влијаат на цената по квадратен метар, почнувајќи од видот на објектот, катноста, местоположбата, природните услови и сл., па се до материјалите кои се вградуваат. Вообичаено, цените не отстапуваат многу од цените кај класичниот начин на градба, дури може да бидат и пониски.
Доколку се земе предвид вкупната корисна површина на објектот од околу 160м2 и вкупната цена на енергетската автономија на објектот од околу 13.000 ЕУР, лесно се пресметува дека енергетското осамостојување чини околу 80 ЕУР/м2 корисна површина.
Колкава е потрошувачката на енергија по метар квадратен во ваквите објекти?
РБ: Како и кај претходното прашање, многу фактори влијаат на потрошувачката, но во прв план се потрошувачите.
Доколку се фокусираме само на потрошувачката за енергија за греење, во тој случај секоја потрошувачка под 50kWh по метар квадратен на годишно ниво го класифицира објектот во нискоенергетски објекти.
За колку време се изгради објектот?
РБ: Што се однесува до градежните работи, истите беа завршени во период од 4-5 месеци.
Комплетната инсталација и пуштање во функција по принципот „клуч-на-рака” на хибридниот систем за производство на електрична енергија и топла вода беше завршена во рок од 4 дена.
Според Ваше мислење, зошто во Македонија нема повеќе вакви видови на градби?
РБ: Најголема причина за отсуство на поголем број вакви или слични градби е финансискиот фактор, ососбено ако се земе предвид и ниската цена на чинење на електричната енергија произведена на т.н. класичен начин во споредба со енергијата добиене од т.н. зелени извори.
Следен фактор е отсуството на државни субвенции, односно даночни олеснувања кои би придонесле за поголема застапеност на вакви објекти. Предвид треба да се земе и неминовноста од креирање на законска регулатива со која градбата на вакви објекти ќе биде стимулирана и олеснета во секоја смисла.
Секако предвид треба да се земе и нашиот менталитет, во принцип со голема недоверба се гледа на алтернативните извори на енергија, но секако тоа е повторно поврзано со финансискиот фактор.
Со поголема помош од државата, помасовни кампањи за едукација на населението и секако поддршка од деловните банки, сметам дека растечкиот интерес кој постои ќе резултира со значително поголем број вакви или слични објекти.
Кои мерки треба да се преземат за да се зголеми изградба на ваков вид на градби?
РБ: Мислам дека одговорот на претходното прашање во голема мерка го даде одговорот и на ова прашање.
Во секој случај потребна е поголема соработка помеѓу сите инволвирани страни: државата преку своите надлежни органи, специјализираните фирми од оваа област, градежниот сектор, приватните инвеститори, деловните банки. Доколку постои искрена заложба од сите инволвирани страни за поголема примена на ОИЕ и мерките за енергетска ефикасност, мислам дека многу наскоро бројот на вакви објекти ќе биде значително зголемен.
Дали предвид имате изградба на слични објекти и ако имате, каде се лоцирани?
РБ: Секако, веќе сме во преговори за реализација на вакви проекти во околината на Штип, Берово, околината на Скопје, Попова Шапка, Охрид.
Се надевам дека многу скоро ќе имаме повторна можност да промовираме уште неколку „хибридни куќи”.
One Comment
Dragolub
Idejata vi e odlicna samo e zalno sto instituciite do koi se imata obrateno ne pokazaa poveke razbiranje za kompletna realizacija na ovoj vas proekt.Jas isto taka se zanimavam so rabotite okolu obnovlivite izvori na energija sega za sega vo domenot na montazata i servisiranje na oprema na solarnite za zatopluvanje na voda a idejata mi e da go opfatam i segmentot okolu panelite i opremata za prizvostvo na struja posto na pazarot i klentite pobaruvaat takov vid na oprema.Licno mislam da do kraj treba da ja butkate rabotata i vasiot tru ke bide adekvatno nasgraden.Ako ste raspolozeni za odreden vid na sorabotka pisite na gore navedeniot meil.pozdrav