Претходните години светот со возбуда гледаше како град по град, држава по држава објавуваа зголемување на енергетската ефикасност и производство на енергија од обновливи извори. Но датумите за исполнување на предвидените цели се ближат, па голем број земји се прашуваат дали си поставиле пред себе нереална цел?
Германија сигурно не е една од овие земји. Тие веќе ги достигнаа фамозните 20% предвидени со Директивата за производство на електрична енергија од обновливи извори од 1997 година, попозната како 20-20-20. Всушност, Германците веќе си поставиле уште повисока планина за искачување пред себе, односно добивање на 35% енергија од обновливи извори до 2020 година, како и намалување на потрошувачката на енергија до 2050г. за 50% во однос на 2008 година. Со неодамнешната објава за напуштање на нуклеарната енергија, се чини дека сериозно се зафатиле со остварување на зацртаното.
Според една неодамнешна анкета, дури 45% од водечките лица на енергетските компании во 43 развиени земји се сомневаат дека ќе бидат остварени предвидените цели за енергетска ефикасност до 2030г. Згора на тоа, тие уште предупредуваат дека се можни рестрикции во одредени земји во Европа, како и во Северна Америка, поради зголемената потрошувачка на енергија која доаѓа како резултат на заздравувањето на економијата. Според некои проценки, побарувачката на енергија на светско ниво од 17200TWh во 2009г. ќе се зголеми на 31700TWh до 2035г.
Во светло на сè ова, многумина гледаат на енергетската ефикасност како најевтино средство за задоволување на барем дел од овие потреби. Но, има два главни проблеми кои се испречуваат на ефикасноста. Првиот е ниската цена на енергијата добиена од фосилни горива. Вториот е човековата природа.
Цената на енергијата од фосилни горива е пред сè ниска бидејќи и инвестицијата за нејзино добивање е мала. Многу влади попрво би се одлучиле да изградат нова термоцентрала на јаглен која релативно брзо се гради, чини помалку пари и веќе има обучен кадар за работа, отколку да вложат во обновливи извори на енергија, кои чинат многу повеќе пари, треба време да се обучи кадар за работа, а и исплаќањето на инвестицијата е многу подолго отколку за класична термоцентрала. На тој начин се одржуваат во живот фосилните горива. Иронично, ако се има предвид дека фосилните горива се всушност мртви животни и растенија. За да биде иронијата уште поголема, САД, земјата најголем увозник на нафта во светот дури дава и субвенции за користење на фосилните горива, а од друга страна има план за поголема употреба на енергија од обновливи извори до 2030г., сличен на европскиот 20-20-20!
Вториот голем проблем на енергетската ефикасност, е проблем стар колку и човекот – неговото однесување. Постојат многу малку начини на кои може да се мотивираат луѓето да трошат помалку енергија, но се чини дека ни тие не функционираат најдобро. Во последно време многу често се спомнуваат паметните мрежи, или smart grid, кои нудат модерни броила и други технолошки напредни пемпериња кои треба на корисниците да им помогнат поодговорно да ја трошат енергијата. На некој начин и кај нас имаше еден обид за паметна мрежа во зародиш, со новите дигитални броила на ЕВН, ама сè што граѓаните добија од нив се само повисоки сметки. За жал, концептот на паметни мрежи никако да зафати некој замав во светот. Се чини дека луѓето или не се заинтересирани за инасталирање на овие паметни уреди или немаат време за „играње“ со нив. Работата испаѓа како онаа старата „можеш да го доведеш коњот до поило ама не можеш да го натераш да пие“. Кај македонските домаќинства, се разбира најголем проблем е немаштијата. Не може секој да одвојува средства за реновирање на домот секоја година, почнувајќи од ставање изолација, преку менување на прозорците, па до инсталирање на соларни колектори.
Можеби крајното решение лежи во нешто што ќе ги опфати и двата проблеми. Одамна е познато дека луѓето најмногу почнува да ги интересира штедењето откако ќе поскапат производите, а очигледно е дека цената на струјата ќе расти, па дури и на онаа добиена од фосилни горива. Можеби тоа ќе покрене верижна реакција од дејства кои во крајна линија ќе доведат до чиста и пред сè, евтина енергија.