Асоцијацијата на индустриите за соларна енергија (SEIA)работи на разрешување на тековниот судир меѓу владите на САД и Кина во врска со американската енергетска програма за обновлива енергија, за која Кинезите сметаат дека ќе ги наруши меѓународните трговски правила.
-Овој трговски судир во соларната индустрија во краен случај најмногу ќе му штети на целиот пазар токму во време кога соларната енергија е на работ на општа прифатеност во светот – се вели во изјавата на претседателот на SEIA, Рон Реш.
Според кинеското Министерство за трговија, субвенциите кои се доделуваат во пет држави во САД директно ги прекршуваат правилата за слободна трговија на Светската трговска организација. Оваа реакција уследува само пет дена откако американското Министерство за трговија најави царини и до 250% за увоз на кинески соларни панели.
Според претседателот на SEIA, иако мерките за заздравување на економијата што и двете влади ги преземаат се во основа легални, сепак, принципите на слободна светска трговија налагаат дека најдобро се стигнува до решение преку преговори и соработка. Тој исто така нагласува дека преговорите мора да се водат во поширок контекст, а не да се фокусираат само на еден трговски проблем. „Споровите во еден сегмент од индустријата влијаат врз целиот синџир на снабдување со соларни панели во светот, па мора да се земат предвид овие пошироки импликации на овој трговски спор“, продолжува тој.
За таа цел, SEIA, како и кинеската Асоцијација на индустрии за обновлива енергија побараа сите 21 земји од азиско-пацифичкиот регион да бидат вклучени во дијалогот кој се однесува на трговијата во областа на чистата енергија. Според нив, ако тоа не се стори, на долг рок овие спорови можат да доведат до целосно згаснување на пазарот за соларна енергија во целиот свет.
Според Рон Реш, крајни губитници би биле компаниите производители на енергија кои користат соларни панели, бидејќи извозниците ќе имаат сè помал пазар за извоз, на локалните инсталатери и сервисери ќе им биде сè потешко на дојдат до потребните материјали, а крајните корисници повторно ќе гледаат на соларната енергија како на неисплатлив извор на електрична енергија, што во никој случај не е прифатливо.